Откако Володимир Зеленски ќе стапи на должност претседател на Украина, учесниците во почетокот на конфликтот во Донбас ќе бидат казнети, напиша на својот блог членот на тимот на новиот претседател Иван Апаршин.

– Вистината за Иловајск, во врска со почетокот на војната во 2014 година ќе биде јавно објавена. И ќе биде донесена до логичен крај што е можно побрзо. Луѓето кои донесувале одлуки или не дејствувале кога било потребно да се делува ќе бидат соочени со одговорност. Во блиска иднина луѓето ќе ја дознаат вистината. Никој ништо нема да крие од никого, пишува тој.

Апаршин истакна дека одговорните за „предавањето“ на Крим на Русија, исто така, ќе бидат казнети.

Овие чекори, според соработникот на Зеленски, се дел од програмата на новата украинска влада во областа на националната безбедност и одбрана.

Претходно, самиот Зеленски рече дека ќе стори сѐ за да стави крај на „војната“ во Донбас без употреба на воена сила.

Прес-службата на новоизбраниот претседател, исто така, соопшти дека неговиот штаб не го признава референдумот за повторно обединување на Крим со Русија, но дијалогот со Москва се смета за неизбежен.

Во меѓувреме, портпаролот на рускиот претседател Владимир Путин, Дмитриј Песков, истакна дека прашањето за Крим е затворено засекогаш.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/04/2019 09:34