Капитенот на македонскиот ракометен првак Вардар, Стојанче Стоилов, во пресрет на задутрешниот натпревар од четвртфиналето со ПИК Сегед, фаворитската улога му ја додели на унгарскиот тим.

Сепак, тоа не значи дека вардарци однапред ќе се предадат, напротив пивотот на „црвено-црните“ најави голема борба во текот на сите 60 минути.

Не очекува најважниот натпревар до сега оваа сезона. Можеби последен натпревар во Лигата на шампионите на овој Вардар каков што го знаеме по најавата на Сергеј. Но, тоа кај нас моментално го ставаме во мирување. Знаеме колку е битен овој двомеч со Пик Сегед. Според мене, унгарскиот тим е фаворит, ама ние ќе дадеме се од себе. Се надевам пред полна сала со огромна поддршка од навивачите да направиме се што можеме и сите заедно да победиме со што би се нашле чекор поблиску до „фајнал фор“, рече Стоилов на денешната прес-конференција. За известувањето од сопственикот на клубот Сергеј Самсоненко дека по завршувањето на сезоната ќе си замине од Вардар, Стоилов изјави:

– На сите убави нешта доаѓа крајот. Сергеј се уште не дојде нас лично да не извести за неговата намера. Не знаеме како ќе изгледа Вардар следната година. Не знаеме ништо. Во секој случај ние сме му благодарни на Самсоненко за се што направи за нас како играчи, за Скопје, за Македонија. Го подигна спортот кај нас на друго ниво. Јас го примив тешко но што е тука е. Животот продолжува. За сега сме фокусирани на Сегед, а за другото ќе видиме.

Натпреварот Вардар – ПИК Сегед ќе се игра в четврток (25 април) со почеток во 20 часот во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/04/2019 13:19