Унапредувањето на соработката меѓу Владата и стопанството ќе го поттикне учеството на приватниот сектор во зголемувањето на економскиот развој, им порачал претседателот на Стопанската комора на Македонија – Турција МАТТО, Ајдован Адемовски на премиерот Зоран Заев и вицепремиерот Кочо Анѓушев.

На денешната работна средба на која присуствувал и министерот за образование Арбер Адеми биле разменети размислувања и предлози за подобрување на бизнис климата.

-Премиерот Заев ги пренесе заложбите на Владата за градење партнерски однос меѓу институциите на системот и бизнисот што е важно за унапредување на заедничката соработка во насока на отворање на развојните перспективи на државата. Претседателот на МАТТО, Адемовски ја претстави Комората која брои 100-тина членки кои вработуваат 10.000 граѓани и ги потенцираше заложбите за унапредување на заедничката соработка и партнерските релации кои ќе вродат со сериозно учество на приватниот сектор за зголемување на економскиот развој, стои во соопштението од владината прес-служба.

Заев предочил дека Владата е тука за да им служи на граѓаните и компаниите.

– Нашите политички цели се поврзани со целите на бизнисот, а тоа е се поголем број вработувања на наши граѓани, поголем раст на БДП, раст на извозот и потрошувачката. Сите овие параметри по решевањето на политичките прашања се со нагорен тренд и очекуваме да продолжи растот бидејќи севкупниот амбиент во државата се подобрува, нагласи премиерот и ја потенцира големината и важноста на традиционалното пријателство на нашата земја со Република Турција со која во првите два месеца од 2019 година во споредба со истиот период лани бележиме раст на размената од 10,7 отсто.

Вицепремиерот Анѓушев, пак, порачал дека растот на БДП од минусно салдо во 2017 сега изнесува 3,7 отсто во последниот квартал од 2018 година што е резултат на растот на реалната економија и приватниот сектор што меѓу другото се должи и на поддршката од Планот за економски раст за раст на конкурентноста и технолошки развој на компаниите.

Анѓушев ги повика компаниите да аплицираат за мерките за поддршка од Планот за економски раст.

– Законот го проширивме и сега може да аплицираат за поддршка и преработувачките капацитети на земјоделски производи, оние што не користат средства од ИПАРД програмите и компаниите од ИТ, бидејќи со измените и софтверот го дефиниравме како производ. Исто така и во делот на критериумите што значеа број на вработени, има олеснување, истакна вицепремиерот.

Министерот Адеми побара поддршка од бизнис секторот за, како што рече, најголемиот реформски процес што ќе почне да се спроведува пред учебната година во септември, реформата во средното стручно образование. – Образованието треба да произведува кадри според барањата на пазарот на трудот и според потребите на бизнисот. Оттаму реформата во средното стручно образование е многу важна. Повеќе од 200 компании активно учествуваа во креирањето на новите наставни програми кои сега освен стручна наобразба ќе содржат и значителен дел на практична настава, рече министерот Адеми.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/04/2019 01:32