Во првиот квартал годинава компанијата „Алкалоид“ забалежа раст од 23 проценти на консолидираниот извоз и од 19 проценти на консолидираната нето добивка, инвестиции од 194 милиони денари и 55 нови вработувања, покажуваат податоците од неревидираниот единечен и неревидираниот консолидиран Биланс на успех.

-Според единечниот Биланс на успех, во периодот јануари – март, продажбите достигнуваат 2.101.073.373 денари, што е за 14 процнети повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Добивката пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА), која изнесува 422.772.099 денари, бележи зголемување од околу 16 проценти, единечната нето добивка изнесува 247.475.979 денари и е зголемена за 15 проценти, соопшти денеска „Алкалоид“.

Во периодот јануари – март годинава вкупните консолидирани продажби достигнуваат 2.833.475.867 денари, што е за 15 проценти повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Консолидираните продажби остварени на домашен пазар се зголемени за два процента, додека вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за 23 проценти. Од вкупните консолидирани продажби, 32 проценти се остварени на домашен пазар, додека 68 проценти се остварени на странски пазари.

Гледано по региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 31 процент, во Русија и другите земји од ЗНД се остварени 10%, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 24% и на останатите пазари се остварени 2% од вкупните консолидирани продажби.

Најзабележителен раст е остварен во Велика Британија со продажби од 81.096.751 денари што е 4,8 пати повеќе од лани, потоа во Грузија со продажби од 9.428.863 денари што претставува зголемување од два пати и Полска со продажби од 19.183.607 денари што претставува раст од 72 процента споредено со истиот период од минатата година. Кај извозните пазари пораст бележат и следните земји: Унгарија раст од 63 проценти, Русија раст од 58 проценти, Украина раст од 57 проценти, Бугарија раст од 49 проценти, Германија раст од 42 процента, Ерменија раст од 36 проценти, Словенија раст од 22 проценти, Романија раст од 19 проценти, САД раст од 14 проценти итн. Повисокиот раст на продажбите во првиот квартал од 2019 година делумно се должи на задолжителната серијализација на производи за пазарите од ЕУ која започна во февруари годинава.

Како што информираат од „Алкалоид“, гледано по групи на производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби, најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација со 88 проценти. Од нив поголем удел имаат ОТЦ препаратите со 20 проценти, кардиолошките препарати со 17 проценти, антибиотиците со 19 проценти, невролошките препарати заземаат 13 проценти од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 12 проценти во вкупните консолидирани продажби.

Со одлука на Управен одбор на Алкалоид ад Скопје, во март годинава е исплатен регрес за користење годишен одмор во нето износ од 24.938 денари.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/04/2019 11:15