Вкупно 150 садници денеска беа засадени во близина на воениот стадион во Градскиот парк во рамки на акцијата за зазеленување на кејот на реката Вардар. Во акцијата учествуваа вицепремиерот и министер за одбрана Радмила Шекеринска, заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули, градоначалникот на Скопје Петре Шилегов и припадници на Армијата.
– Ние изминатиов период имавме серија заеднички акции со неколку општини и со неколку цивилни инстититуции. Денеска се вклучуваме во борбата против загадувањето што е едно од најголемите грижи на граѓаните, особено на граѓаните на Скопје. Акцијата е дел од политиката на Владата, која уште минатата година ги обврза сите министерства да предвидат во рамки на своите програми акции со што ќе придонесат кон заштита на животната средина, изјави Шекеринска.
Макрадули истакна дека борбата за чист воздух има две важни компоненти – повеќе дрвја и помалку депонии. Според него, тоа е процес што се одвива паралелно и очекува една поинаква зимска сезона.
– Град Скопје во изминатата година и половина засади над 18.000 садници на јавните зелени површини. На почетокот на годинава, имајќи ги предвид насоките што министрите ги добија од Владата, заедно со министерката за одбрана Радмила Шекеринска решивме заедно со Армијата и со Министерството за одбрана да засадиме дрворед токму на оваа локација. Овие дрвја ќе бидат именувани во чест на војниците што учествуваа во оваа акција за засадување, што ќе го искоординираме во рамки на акцијата „Дрво за секое дете“, рече Шилегов.
Посочи дека обновата на зеленилото е приоритет за Град Скопје, а во текот на изминатата година во Скопје се подигнати и обновени рекордни 129.000 квадратни метри зеленило. Најави дека на есен, само преку ЈП „Паркови и зеленило“ во Скопје ќе се засадат повеќе од 5.000 садници. Веќе е почната и постапката за ревитализација и пошумување на Водно, онаму каде што поминува трасата на гасоводот.
Со денешното засадување дрвја Министерството и Армијата се вклучуваат во акцијата за борба против загадувањето на воздухот и покажуваат висока свест за заштита на најважниот ресурс на граѓаните – животната средина. Акцијата продолжува на 2 мај во Тетово каде ќе бидат засадени 80 садници, како и на 8 мај во Кичево каде ќе бидат засадени 85 дрвја. Вкупно ќе бидат засадени 315 садници.