Околу три илјади земјоделски стопанства поднеле барање за земјоделски субвенции за 2019 година. од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, потсетуваат дека рокот за аплицирање за користење финансиска поддршка е почнат и трае до 30-ти идниот месец.
Агенцијата ги информира корисниците на финансиската поддршка, по пополнување на барањата да ги проверат податоците, онаму каде имаат одредени отстапувања потребно е во рок од 30 дена да извршат корекции.
Во соопштението наведуваат дека во овој период ќе се поднесуваат единствените барања по Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2019 година, односно за директни плаќања за растително производство и тоа за површини со поледелски и градинарски култури, лозови и овошни насади како и за сточарско производство и тоа за одгледување говеда, овци, кози, пчели, свињи, и за заклани животни во кланица.
Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, наведуваат во соопштението, дека тековно, согласно Прогрмата за финансиска поддршка во земјоделството, како и согласно календарот и во наредниот период ќе продолжи со исплата на субвенциите на сите земјоделци кои ги исполнуваат условите за добивање на средства од оваа програма.
Информираат дека во наредниот период ќе следат исплатите за „директни плаќања за произведено и предадено кравјо, овчо и козјо млеко, директни плаќања за регистрирано презимено пчелно семејство, директни плаќања за производство на домашен сертифициран семенски материјал од прва и втора генерација за житни, индустриски, градинарски култури и компир, директни плаќања за одгледани и заклани гоеници во регистрирани кланични капацитети, а ќе следат и исплатите за сите дополнителни мерки како што се мерката селекција за производство на пчелни матици, дополнителни директни плаќања од подмерка за уматичено грло маторица, дополнителни директни плаќања од подмерка за задржано женско јагне, женско јаре, дополнително плаќање за основни стада за производство на говедско месо, за откупена пченица од родот 2018 година од домашно производство, дополнителни директни плаќања од подмерка за обработлива земјоделска површина со сончоглед, ориз и афион, дополнителни директни плаќања за овошни култури предадени во преработувачки капацитет.
-Праксата за навремена и неселектива исплата на земјоделските субвенции продолжува. Средствата ги исплаќаме тогаш кога на земјоделците им се најпотребни, односно, во време кога се вршат агротехнички мерки за заштита на растенијата, а парите на земјоделците им се повеќе од добредојдени, истакнуваат од Агенцијата.