Индустриското производство во март годинава бележи раст од 7,5 проценти во однос на истиот месец лани, додека во периодот јануари – март 2019 година во однос на јануари – март 2018 е зголемено за 8,8 отсто, соопшти Државниот завод за статистика.

Гледано по сектори, индустриското производство во секторот Рударство и вадење камен во март 2019 година, во однос на март 2018 година, бележи пораст од 10,8 отсто, во секторот Преработувачка индустрија бележи пораст од 8,8, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација бележи опаѓање од 4,6 проценти.

Според Статистика, зголемувањето во секторот Преработувачка индустрија е резултат, пред сѐ, на зголеменото производство во секторите пијалаци, текстил, основни фармацевтски производи и фармацевтски препарати, производи од гума, пластични маси и други неметални минерални производи, метали, електрична опрема, машини и уреди, моторни возила, приколки и полуприколки.

Според главните индустриски групи, производството бележи раст кај Интермедијарни производи, освен енергија за 13,3 отсто и Капитални производи за 20,2 процента, додека опаѓање е евидентирано кај Енергија за 0,8 отсто, Трајни производи за широка потрошувачка за 11,1 и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 1,2 процента.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/04/2019 13:04