Откупот на оризот од реколтата 2018-та е комплетно завршен и според податоците од регистарот на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), откупени се 10.000 тони оризова арпа и 7.000 тони бел ориз, информираат од Министерството.

Оттаму велат дека откупната цена на белиот ориз од реколтата 2018-та бележи пораст од осум до 13 денари по килограм. Конкретно, крупниот бел ориз се откупуваше по цена од 45 до 50 денари за килограм, за разлика од реколтата 2017-та кога откупната цена беше од 35 до 37 денари.

Зголемување има и на откупната цена на оризовата арпа која за 2018-та достигна од 20 до 24 денари по килограм, а во реколтата 2017-та цената беше од 14 до 18 денари по килограм. Откупната цена на ситниот бел ориз од реколтата 2018-та се движеше од 30 до 35 денари по килограм, за разлика од реколтата 2017-та кога беше од 25 до 30 денари по килограм.

Откупната цена на ситната арпа бележи пораст од четири до осум денари по килограм во зависност од квалитетот, односно за реколтата 2018-та се откупуваше по 20 денари за килограм за разлика од претходната реколта кога цената се движеше од 12 до 16 денари за килограм.

– Интервентната мерка што кон крајот на минатата година ја донесе Владата на Република Северна Македонија за производителите на ориз, придонесе целото производство на ориз од реколтата 2018-та веќе да биде во целост откупено по повисока откупна цена во споредба со претходните реколти. Владата минатата година поради ниската откупна цена на оризовата арпа и нарушениот баланс меѓу понудата и побарувачката, а со цел да се поттикне договорениот откуп на оризова арпа од реколтата 2018 година, донесе интервентна мерка од пет денари за килограм произведена и предадена оризова арпа кај регистрирани откупувачи. Рокот за поднесување на барања за интервентната мерка заврши на 25-ти овој месец. Во моментов во Платежната агенција се врши обработка на пристигнатите податоци по што во текот на месец мај ќе започне исплатата на дополнителната субвенцијата за интервентната мерка од пет денари, што е особено важно за производителите на ориз, изјави министерот Љупчо Николовски.

Од Министерството велат дека и во следниот период ќе продолжат со спроведување на развојни мерки за производството на ориз. Затоа, како што наведуваат во соопштението, оваа година во Програмата за директни плаќања, се издвоени повеќе пари за финансиска поддршка за земјоделците производители на ориз.

Висината на субвенцијата за површини засеани со ориз од 6.000 денари е зголемена на 18.000 денари по хектар, за оние земјоделци кои не употребуваат сертифициран семенски материјал. Субвенцијата за земјоделците кои употребуваат сертифициран семенски материјал од 12.000 денари е зголемена на 25.000 денари по хектар, односно 30.000 денари по хектар за земјоделски стопанства со пријавена површина за финансиска поддршка од минимум пет хектари до максимум 50 хектари, се наведува во соопштението од МЗШВ.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/04/2019 18:33