Самостојниот синдикат на образование, наука и култура на Република Македонија (СОНК), упати Првомајски програс преку кој се обраќаат до членовите, сите работници во државата и до целата јавност со видување на состојбите на работниците од аспект на социјално-економската положба, социјалниот дијалог и партнерство, сигурноста на работното место, безбедноста при работа…

– Први мај се слави секаде во светот, некаде со масовни протести, а некаде со првомајски викенд на некое излетничко место, со првомајска скара и музика. Во Македонија нема голема традиција за организирање големи првомајски протести, освен симболични првомајски маршови или прошетки на некои синдикални организации, со што ќе се одбележи овој ден на работниците. Секако, ние како најголем синдикат во државата имаме свој став околу ова прашање, дали масовно да се излезе на овој ден и да се протестира, во симболичен број да се маршира или ако е празник да се празнува на начин како што налага нашата традиција, наведуваат во Прогласот.

Во него истакнуват дека нивниот став е дека празникот треба да се празнува, а за работа, секоја организација што се занимава со одбрана и зголемување на правата на работниците има на располагање цела година.

– И овој наш став да не изгледа гола демагогија, ќе го поткрепиме со неколку аргументи. СОНК во изминативе децении и години конкретно докажуваше и докажува со организирање протести и штрајкови дека е единствениот синдикат што е во состојба тоа да го направи, без лажни закани и ветувања, без правење сопствен маркетинг, без разлика која политичка опција е на владеење…. Ако постои сомнеж во вистинитоста на овие факти, може многу лесно да се проверат, а и да се присетите која друга работничка организација во последнава деценија – две организирала сериозен протест или штрајк????, наведуваат од СОНК.

Појаснуваат дека со овој првомајски проглас нивната идеја не е да се саморекламираат, туку, уште еднаш на ваков начин да го изразат своето незадоволство околу положбата на нивните членови во дејностите детска заштита, основно, средно, високо образование, наука и култура.

-И покрај сите заложби на нашиот Синдикат, во сите споменати дејности заеднички е фактот што тие како едни од најважните дејности во државата, ако не и најважни, се на дното на скалилото на плати во јавниот сектор во државата, а пак и да не зборуваме за надвор од неа, во соседството и пошироко. Во последниве неколку години државата се обиде да направи обид за подобрување на социјалниот статус на оваа категорија на работници, но тоа беше сосема симболично и незадоволително од една страна, како и селективно, од друга страна. Зголемувањето на платите од пет отсто за детските градинки, основното и средно образование ни одблизу не ги задоволуваат основните потреби за егзистенција, наспроти зголемување на минималната плата на национално ниво од 20 отсто. Ситуацијата во установите од културата и високото образование и науката е уште полоша, од позиција на ниски плати, дури ни без тие пет отсто зголемување во 2018 година. Ветувањата за зголемување на платите и во 2019 година за дополнителни пет отсто за СОНК се добродојдени, но процентот е апсолутно неприфатлив, односно низок. СОНК во повеќе наврати укажуваше и бараше усогласување на платите со процентот на зголемување на минималната плата на национално ниво, стои во Првомајскиот проглас.

Што се однесува до социјалниот дијалог и партнерство, проценка на СОНК е дека во последните неколку години е во континуирано опаѓање. – СОНК воопшто не е задоволен од односот на некои министерства кои за многу важни измени на законски решенија не го вклучуваат социјалниот партнер во изготвување на заеднички прифатливи решенија што се во интерес и на работниците и на државата, што впрочем е законска обврска. Исто така, цениме и дека селективниот однос кон одредени синдикати е апсолутно неприфатлив и спротивен на Законот, наведуваат во прогласот.

За СОНК, посочуваат, како грански синдикат и како дел од Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) е исто така неприфатлив игнорантскиот однос на ресорните министерства и на Владата и покрај јавните упатени барања за остварување на сериозни средби и разговори со што би се затвориле отворените прашања и проблеми.

-Особено навредува ваквиот однос и покрај низата јавни социјални протести во изминатава година што ги организираше СОНК во рамките на КСС. За ваквиот однос на државата кон релевантни социјални партнери во однос на социјалниот дијалог и партнерство во Македонија даде и Меѓународната конфедерација на синдикати -ITUC во последниот свој извештај, каде што Македонија е ставена на листата со држави од Африка, каде што правата на работниците секојдневно се кршат, стои во прогласот.

Според СОНК, севкупно, состојбите на работниците во Македонија се на многу ниско ниво, од аспект на социјален статус и економска сигурност, во однос на социјалниот дијалог и партнерство, во однос на почитување на законите и други правни акти, во однос на сигурноста на работните места, во однос на безбедноста при работа и т.н.

-Доколку многу сериозно и многу брзо не се сфатат нашите укажувања, дотолку повеќе надлежните во државата ќе ја сфатат сериозноста и силата на нашиот Синдикат. Не ја потценувајте одлучноста, силата и единството на членовите на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Р. Македонија, порачуваат од СОНК од каде го честитаат 1 Мај – Меѓународниот ден на работниците.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/05/2019 03:13