Електронскиот систем за повратот на ДДВ на граѓаните е подготвен и во мај и јуни ќе се тестира, а за да го остварат ова право на граѓаните нема да им треба никаква електронска картичка или чување на фискалните сметки, туку едноставно со сликање на фискалната сметка и прикачување на посебна апликација.

Ова го соопшти вечерва премиерот Зоран Заев на трибина во Куманово во рамки на предизборната кампања за претседателските избори, заедно со заедничкиот кандидат Стево Пендаровски и минсистерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

– Повратот на ДДВ има две важни цели. Првата е да ја отстраниме даночната евазија која официјално е 30 проценти на ДДВ. Граѓаните го плаќаат секаде но некој тоа не го уплаќа во државната каса. Каде и да мрднете има ДДВ. Целта е граѓаните да бидат инспектори. Тоа значи секој граѓанин да си побара фискална сметка, заради тоа што 15 проценти од ДДВ-то изразено во фискалната сметка ќе им се врати назад. Ако сметката е 1000 денари, 180 денари е ДДВ и од тие 180 денари 15 отсто се враќа. Од сите сметки меѓу 20 и 30 илјади денари ќе враќа семејство. Интересот ќе биде голем, бидејќи си враќаат парички. Тие нема да земаат од никој што нема да им даде фискална сметка, тие ќе ја завршат улогата на државата, а државата ќе им врати пари, рече премиерот.

Потенцира дека во моментов даночната евазија или скриен данок е 300 милиони евра, а намерата е меѓу 70 до 150 милиони евра да се врати кај народот, а останатиот дел во Буџетот, што пак повторно ќе одат во здравство, образование,…

Во мај и јуни ќе почне со тест и објаснување, а стартува повратот на ДДВ на граѓаните од 1 јули.

Појасни дека ќе биде едноставно. – Ја сликате сметката и и правите аплауд на апликацијата што ќе се даунлодира. Ќе треба тоа да се стори во рок од пет дена, рече премиерот.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/05/2019 03:41