Во најзападните општини во државава, Дебар и Центар Жупа изборниот ден изминува во фер и демократска атмосфера. Нема ни приговори, ниту забелешки околу изборниот тек.

Според претседателката на Општинската изборна комисија на Дебар, Елмира Бакали до 18:30 часот правото на глас го искористиле 4.965 лица или 27 проценти од вкупно запишаните гласачи.

Во првиот круг до 18:30 часот правото на глас го искористија 7.922 лица или 43 отсто.

Во Дебар, се гласаше на 27 избирачки места, од кои 22 во градот, две во село Могорче и по едно во селата Џепиште, Горно и Долно Косоврасти. Во единствениот избирачки список беа запишани 18.574 граѓани.

Претседателот на ОИК Центар Жупа, Еран Зубер, за МИА изјави дека до 18:30 часот гласале 1.214 гласачи или 17,5 проценти од вкупно 6.953 лица колку што се запишани во единствениот избирачки список.

Во оваа општина се гласаше на 16 избирачки места, од кои седум во Центар Жупа, а другите во останатите населени места.

Во првиот круг во оваа општина правото на глас го искористија 1.008 гласачи или 15 проценти од вкупно запишаните во единствениот избирачки список.

Вчера во своите домови гласаа 36 болни и изнемоштени лица или пет лица повеќе споредено со првиот круг, од кои тројца во Центар Жупа.

На 21 април во општина Дебар, во која се спроведоа и предвремени избори за градоначалник, до 19:00 часот правото на глас го искористија 44 отсто, додека во Центар Жупа над 15 отсто од вкупниот број гласачи.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/05/2019 18:57