Дали македонскиот агро-сектор е подготвен да развива т.н. паметни села и да применува интелигентни софтверски решенија кои би ги намалиле трошоците и загубите, би го подобриле квалитетот на производството и би ја зголемиле конкурентноста, се двете прашања што ќе ги отвори Стопанската комора на Македонија на претстојната конференција за земјоделство и прехранбена индустрија што ќе се одржи на 16 мај во Скопје.

Според Комората, потенцијалите на земјоделството во земјава не се целосно искористени. Необработени стојат преку една третина од површините, а субвенциите не ги дадоа очекуваните резултати. Недостигаат и одржливи рурални заедници кои би го интезивирале пласманот на странските пазари.

-Нашето земјоделство е пред крстопат, на прагот на трансформација во модерно, но е соочено и со многу предизвици. Од една страна се светските движења и климатските промени, а од друга – конкурентноста и примената на новите, ИТ решенија, истакна Васко Ристовски од Комората.

Засега, напомена Ристовски на прес-конференција, некои од комбинатите користат софтверски решенија за планирање на производството. Обично се тоа поголемите капацитети. Но, кај индивидуалните производители ИТ алатките се уште се новина, е се чувствува и отпор од нивно прифаќање. Предничат младите фармери кои се поинформирани, читаат и ги следат најновите светски достигнувања.

-Кога се работи за технологијата, тешко ги прифаќаме новитетите. Некој можеби мисли дека е проблем цената. Не, цената е повеќе од достапна, прилагодена за сите индивидуални фармери и изнесува 130-140 евра годишно. Ваквите паметни, ИТ решенија (кога да се сее, прска) може да се следат и на мобилен телефон ако некој евентуално дома нема компјутер, лап-топ, подвлече Ристовски.

Одговорајќи на новинарски прашања во врска со субвенциите, Ристовски рече дека наместо да бидат развојни, тие досега се искористуваа како социјално-политичка алатка.

-Развојната нота, за жал, не постои, а од 2007-ма до сега се пројдени 12 години. Тоа е долг период кој би требал да покаже резултат. Субвенциите сепак одиграа некаква улога. Го ублажија ударот од конкуренцијата и до некаде го одржаа земјоделство на одредено ниво. Тука пред се мислам на малите фармери, објасни Ристовски според кој, директната финансиска поддршка воопшто не е начин за да се направи атрактивен агросекторот, туку алатка при преструктуирањето.

На конференцијата на 16 мај покрај домашни, ќе присуствуваат и странски експерти. Отворени ќе бидат и прашања како земјоделското земјиште, продажбата на земјоделските производи, заштитата на нивното потекло, руралниот развој, катастарот, фитосанитарните мерки, органската храна,…



Автор: Администратор
Објавено на: 06/05/2019 13:29