Инструктори од бизнис-школата Ричард Ајви при Универзитетот од Канада, ќе им го пренесат своето богато меѓународно искуство и лидерски вештини на околу 40 тековни и просперитетни претприемачи од земјава во рамки на 12-тото издние на Лидер проектот што денеска почна во Скопје во организација на Македонија 2025.

Обуката е градена според МБА програмата на школата Ричард Ајви и вклучува пренесување на широк распон на знаења како подготовка и оценување на изводливост на бизнис план, развивање стратегии, брендирање на производ, маркетинг, финансирање, управување со човечки ресурси,… Се изведува практично, преку интерактивна анализа на уникатни студии на случај и развој на сопствени бизнис планови, со можност за дополнително индивидуално менторство.

-Интересот од година во година е сè поголем од страна на претприемачите кои сакаат да се стекнат со нови знаења, кои подоцна ќе ги имплементираат во своите постоечки или новоосновани бизниси. Со над 400 алумни и со проширување на соработката со други организации од регионот, Лидер проектот стана една од највлијателните обуки за бизнис вештини во земјата, посочи проф. д-р. Никица Мојсоска Блажевски, главен извршен директор на Македонија 2025, која денеска официјално ја отвори програмата.

Главната цел на Лидер проектот е на талентираните македонски претприемачи да им помогне да ги претворат своите идеи во успешни бизниси, а со тоа да придонесе и за зголемен развој на економијата.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/05/2019 18:48