Во конкуренција на финалисти од дваесет и осум европски земји, претставниците на Северна Македонија, младите велешани Викторија Панова и Марко Инѓилизов, го освоија второто место на финалето на Европскиот квиз на парите што се одржа вчера во Брисел, Белгија, соопшти Народната банка на Република Северна Македонија.
Нашиот тим, како еден од победниците на Квизот, покрај одликувањето за освоено второ место на европско ниво, од ЕБФ добил и парична награда од 2.000 евра, наменета за велешката гимназија „Кочо Рацин“. Овие средства, училиштето ќе треба да ги искористи за проекти од областа на финансиската едукација по сопствен избор.
Првото место го освоиле претставниците на Словенија, додека третопласиран е тимот на Германија.
-Ова е голем успех не само за Панова и Инѓилизов, туку и за земјава, афирмирана преку постигнатиот резултат на меѓународното натпреварување кое по вторпат го организира Европската банкарска федерација (ЕБФ) со цел охрабрување на наставниците и училиштата да ги едуцураат своите ученици од областа на финансиите, се вели во соопштението од НБРСМ.
Двајцата ученици на гимназија „Кочо Рацин”од Велес, Панова и Инѓилизов, на европското финале учествувале како претставници на земјава, откако во март годинава оствареле најдобри резултати на националниот натпревар, кој го организираше Македонската банкарска асоцијација (МБА) во соработка со Народната банка, Комисијата за хартии од вредност (КХВ) и Министерството за образование и наука (МОН).
На националниот натпревар учествувале околу 300 нивни врсници, откако претходно ја поминале селекцијата од околу 3.000 ученици, што се спроведе преку интерни тестирања во училиштата во земјава. По победата на национално ниво, Панова и Инѓилизов посветено се подготвувале за финалето во Брисел, ползувајќи ги бројните материјали подготвени од МБА, Народната банка и КХВ, како и материјалот подготвен од ЕБФ.
На европско ниво, на Квизот учествуваа над 100.000 ученици на возраст од тринаесет до петнаесет години, од кои околу шеесет беа национални победници, така што како претставници на своите земји се пласираа на финалето во Брисел.
Покрај претставниците на нашава земја, која е дебитант на ова натпреварување, на финалето на Европскиот квиз на парите годинава настапиле и тимови на Австрија, Азербејџан, Албанија, Белгија, Германија, Грција, Естонија, Ирска, Италија, Исланд, Летонија, Литванија, Лихтенштајн, Луксембург, Норвешка, Полска, Португалија, Романија, Словенија, Србија, Унгарија, Финска, Холандија, Хрватска, Чешка, Шведска и на Шпанија.
На овој настан учествуваа и менторот на Панова и Инѓилизов, професорот Марјан Стојановски и претставничката на МБА, Оливера Ѓорѓиева.