Зголемување на инвестициите и раст од три отсто годинава и во наредната 2020 година, предвидува за земјава Европската банка за обнова и развој во извештајот за перспективите на економиите на државите од Западен Балкан.
Според најновата прогноза на ЕБРД, соопштена на Годишниот состанок во Сараево, Договорот за за името со Грција се очекува да го забрза напредокот за пристапување во ЕУ и да придонесе за подобри изгледи за инвестиции и развој.
– По речиси минималниот раст во 2017 година, во 2018 година економскиот раст се зголеми на 2,7 отсто врз основа на силното зголемување на извозот и опоравувањето на приватната и јавната потрошувачка. Очекувањата, според ЕБРД, се во 2019 година растот во Северна Македонија да достигне 3,0 отсто со зголемување на инвестициите, што би требало да продолжи и во 2020 година, пососчува ЕБОР.
Европската банка за обнова и развој очекува во 2019 година да продолжи стабилниот раст во шесте земји од Западен Балкан, и покрај заладувањето во меѓународното економско опкружување што може да придонесе за забавување на растот во некои од земјите во регионот.
Коментирајќи ја состојбата во регионот водечкиот економист во ЕБРД Петер Табак, смета дека се потребни натамошни реформски напори и посилни инвестициски активности за зголемување на растот потребен за одржливост во ЕУ.