Царинските службеници ќе спречуваат криминал со нова софистицирана опрема за пребарување возила, донирана од Управата за царински работи и приходи на Обединетото Кралство. Опремата денеска на директорот на Царинската управа на Република Северна Македонија, Ѓоко Танасоски му ја предадоа британската амбасадорка Рејчел Галовеј и Дејвид Хантли, директор за меѓународни операции.

Според Танасоски, опремата која ќе ја користат царинските службеници претставува единствен начин за спречување и откривање на закани, нејзиното правилно користење треба да претставува стандард во секојдневното оперативно работење.

– Подршката и воспоставената соработка со царинските органи на Обединетото кралство е насочена кон подобрувањето на постојните и примената на нови техники и модалитети на работење преку размена на информации и најдобра практика во областа на борбата против криминалот, но и придонес кон забрзувањето на царинските постапки и трговија, рече Танасоски.

Додаде дека во рамките на воспоставената соработка и програма, во Обединетото кралство веќе се испорачани напредни обуки за 20 лица, за примена на техники на пребарување на транспортни средства.

– Сите учесници за време на нивната обука покажаа забележителни резултати, и притоа добија признанија за нивната подготвеност и пристап. Примената на донираната специфична опрема и стекнатите знаења и вештини дополнително ќе помогне да се зголемат капацитетите за преглед и резултатите во откривањето на царинските прекршоци, рече директорот.

Амбасадорка Галовеј рече дека денешниот настан е јасен израз на ветувањето што го направиле на минатогодишниот Самит за Западен Балкан во Лондон.

– Борбата против даночниот и царинскиот криминал и перењето пари како и процесуирање на овие кривични дела помага да се заштитат економиите, а со тоа да се стимулира и развива просперитетот. Зголемениот капацитет на царинските службеници за употреба на нови техники и опрема ќе помогнат да се сузбијат заканите од сериозниот и организира, како и економскиот криминал. Сузбивањето на сериозниот и организиран криминал и корупција е клучен дел од нашата соработка која зафаќа две важни области – безбедност и просперитет, додаде амбасадорката.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/05/2019 14:58