Ученици – членови на Клубот на млади волонтери при Општинската организација на Црвен крст Велес денеска на посебно уреден штанд пред Театарот во Велес на граѓаните им делеа флаери со програмските содржини на Црвениот крст.
Во рамки на активностите в петок ќе се одржи и турнир во мал фудбал за учениците од училиштата од градот.
Орце Николов, секретар на ООЦК Велес, рече дека целта на овие активости како и во изминатите години е што помасовно вклучување на граѓаните во програмските активности на оваа хуманитарна организација, што делува во рамките на Црвениот крст на Македонија.
– Улогата на Црвениот крст е сестрана, да им помага на сиромашните и бездомните преку социјално хуманитарната дејност, здравствено превентивна дејност за населението, за младите со нивна едукација и вклучување во волонтерство во хуманитарната организација и нивна обука за дисеминација за Меѓународното хуманитарно право, за прва помош, заштита од многуте пороци како алкохол, дрога и пушење. Организацијата работи и на планот на зголемување на бројот на граѓаните вклучени во крводарителски и други хуманитарни акции, истакна Николов.
Додаде дека нивната хуманитарна организација со години наназад придонесува за ширење на хуманите вредности меѓу населението, без оглед на пол, возраст и национална припадност.