Завршува пријавувањето на верниците кои ќе учествуваат во положувањето на светиот крст, в недела, во водите на река Брегалница во Општина Штип. Свештеникот од Брегалничката епархија, Добрица Јанев за МИА информира дека пријавувањето е до денеска попладне, а светиот крст ќе биде положен на две места во реката Брегалница, едното е во старата населба Ново Село, а второто е кај детската градинка „Астибо“ во Штип.
Јанев вели дека е задолжителен лекарски преглед на учесниците, оние кои ќе бидат кај градинката „Астибо“ ќе добијат известување утре во колку часот ќе имаат лекарски прегледи во Приватната здравствена установа „Д-р Златко Стојменов“, а за втората локација медицински тим во самата црква во штипска Ново Село ќе изврши прегледи на учесниците. Инаку, досега се пријавени над 70 учесници, од кои 50 во недела, во 11 часот ќе скокаат по светиот крст кај детската градинка „Астибо“, а околу 20 учесници, во 10 часот ќе учествуваат во положувањето на светиот крст во штипско Ново Село.
Во Општина Карници по повод празникот ,,Водици" в недела, настанот за фаќање на светиот крст во општина Карбинци ќе се организира традиционално на три локации и тоа во селата Карбинци, Долни Балван и Таринци.
Положувањето на Светиот Крст во осветените води по повод големиот христијански празник Богојавление Водици, во Свети Николе ќе се одржи во недела со почеток во 10:00 часот во црквата ,,Свети Никола”, во градот Свети Никола