На крајот на минатата година во двата отворени задолжителни фонда од вториот пензиски столб - КБ Прв пензиски фонд и Сава пензиски фонд членуваа вкупно 490.035 идни пензионери на кои од личниот доход им се издвојуваат средства во задолжителните пензиски фондови. На крајот на 2018 година тие управуваат со безмалку 1 милијарда евра средства на своите членови колку што се собрани во 13те години, односно од почетокот на пензиската реформа во 2006 година. Иако на самиот почетокот на реформата, стартната позиција на двете друштва беше иста, сепак КБ Прв пензиски фонд сега има повеќе членови, поголемо пазарно учество и управува со повеќе средства во споредба со другиот фонд, односно управува со портфолио кое е поголемо за околу 62 милиони евра.

Средствата со кои управуваат фондовите се вложуваат со цел да се оствари принос за членовите, којшто директно се распределува на нивните индивидуални сметки. На овој начин пензиските друштва на идните пензионери им ги оплодуваат средствата со кои задолжителните пензиски фондови управуваат, а висината на приносот е променлива. Според податоците на МАПАС за последните 7 години (од 2012 до 2018 година) членовите на КБ Прв отворен задолжителен пензиски фонд оствариле просечен годишен принос на своите средства од 6,01% што е повисок во однос на конкуренцијата за истиот период и значително повисок од, на пример, висината на каматите на банкарските депозити.

Портфолијата на пензиските фондови се диверзифицирани и содржат државни обврзници, депозити, акции во домашни компании, удели во инвестициски фондови, акции во најпознатите светски компании и друго. На пример, преку инвестициите, членовите на пензиските фондови имаат сопственост во Алкалоид, Амазон, БМВ, Самсунг, ИБМ, Сименс, Нестле и многу други познати светски и домашни компании.

Со последните измени и дополнувања на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, од бруто платата за идна пензија се издвојуваат 18,4% како придонеси за задолжително пензиско и инвалидско осигурување, со тоа што кај членовите во вториот столб, од овие средства 12,4% одат во државниот пензиски фонд (ФПИОСМ), а 6 отсто во некој од приватните задолжителни пензиски фондови.

Сликовито кажано, ако просечната бруто плата во јануари годинава, според Државниот завод за статистика, изнесуваше 36.386 денари од нив 18,4% или 6.695 денари се издвоиле во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Од оваа сума државниот фонд за приватните префрлил 6% или од просечната бруто плата во јануари, околу 2.183 денари. Останатите средства остануваат во државниот фонд.

Колку заработил секој член најдобро покажува вредноста на сметководствената единица која на први јануари 2006 година беше 100 денари. На крајот на декември лани таа изнесуваше 193,1 денари во Сава, односно 196,7 денари во КБП. Низ пример, ако членот има вкупна уплата од 30.000 денари во јануари 2006 година како придонес, со оглед дека вредноста на единицата е 100, тој тогаш поседува 300 единици. Вкупната вредност на тие 300 единици, ако се земе предвид дека вредноста на една единица сега е во просек 195 денари, е 58.500 денари. Или поедноставно кажано, на неговата уплата од 30.000 денари фондовите му заработиле 28.500 денари.

Осигурениците кои задолжително членуваат во вториот столб, веднаш по вработувањето времено се распределуваат од страна на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување во задолжителен пензиски фонд по случаен избор, со цел да се обезбеди оплодување на нивните средства од самиот почеток на членството. Осигурениците имаат рок од 3 месеци да одберат во кој задолжителен пензиски фонд ќе членуваат. Доколку по истекот на тој рок не одлучат каде ќе членуваат, тогаш остануваат членови во фондот во кој биле времено распределени.

Секој член на почетокот на календарската година од пензиските друштва добива информација за тоа колку средства се собрани на неговата сметка, колкав е приносот и вредноста на сметководствената единица, како и информации за тоа каде се вложувани средствата. Информациите се испраќаат и по имејл со цел навремена и брза проверка на податоците, а исто така до нив може да се пристапи и електронски на веб страната на друштвото. Кога, на пример, корисникот на КБ Прв пензиски фонд сака да ја следи состојбата на својата индивидуална сметка, при посета на интернет страната на друштвото го одбира полето со годишниот извештај и се согласува истиот да го добива по пошта или на имејл, по електронска пошта.

Средствата од задолжителниот пензиски фонд секој осигуреник ќе може да ги повлекува во месечни ануитети, програмирани повлекувања или комбинирано откако ќе ги исполни условите за пензионирање според годините на старост и 15 години работен стаж. Во случај ако осигуреник не го исполнува условот за пензиски стаж ќе може со наполнети 65 години старост да ги подигне средствата под услови уредени со закон. Во случај на смрт на осигуреникот, средствата се наследни.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/05/2019 12:21