Во организација на локалната власт на Дебар, а во соработка со образовните институции, денеска со повеќе активности беше одбележан 9 Мај, Денот на Европа.

Главната активност беше одржана во дебарската гимназија „28 ноември“ на која пред просветните работници од трите деветолетки, колку што функционираат во општината и гимназијата, ученици, граѓани, како и претставници на локалната власт и други институции се обрати градоначалникот Хекуран Дука.

Честитајќи го Денот на Европа, тој посака што поскоро да станат реалност стремежите на граѓаните на Северна Република Македонија да бидат дел од европското семејство.

– Дебар бил е и ќе биде симбол на соживотот и на верската толеранција, со што ја потврдува својата европска определеност. И неодамна потврдивме дека можеме да организираме избори според европски стандарди. Затоа нашиот град е вистинското место од каде што можеме уште еднаш да го испратиме повикот за зачувување и негување општочовечките хуманистички принципи. Ние сме се чувствувале и се чувствуваме како дел од Европа, каде што и природно припаѓаме. Нека е честит 9 Мај Денот на Европа,со желби што поскоро да бидеме дел од Европската унија, истакна градоначалникот Дука.

Учениците од деветолетките „Пенестија“ „Саит Најдени“ и „Ристе Ристевски“, гимназијата, како и најмалите од детската градинка „Брешија“, цртаа пејсажи за Европа, а се претставија и со богата културно- уметничка програма.

Програмата ја отворија најмладите кои имаа подготвено прекрасна изведба со звуците на химната на ЕУ „Ода на радоста“.

Дебарските средношколци заедно со нивната професорка по ликовно воспитување,Арта Каба-Горенца најавија дека ќе изработат мозаик „Обеднети во Европа“ во дворот на гимназијата.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/05/2019 14:56