Забрзувањето на евроатлантското интегрирање е еден од позитивните ризици за македонската економија што не се земени предвид во најновите проекции на Народната банка. Централната банка годинава очекува раст на странските директни инвестиции од 3,2 отсто во БДП и 3,5 проценти на среден рок. Смета и дека дополнителен, нов стимул за економијата ќе биде евентуалната реализација на повеќето големи проекти што ги најави Владата.

Макроекономските проекции што ги соопшти денеска гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска укажуваат на раст на економијата, стабилен и предвидлив домашен контекст, раст на извозот и засилување на јавниот инфраструктурен циклус. Непроменети се очекувањата за раст на БДП од 3,5 отсто годинава, од 3,8 отсто во 2020 година и од четири проценти во 2021 година. Инфлацијата годинава ќе биде со надолна ревизија од два на 1,5 проценти. Се задржуваат проекциите од два отсто и за 2020 и 2021 година.

Побарувачката ќе биде двигател на растот, се очекува умерен дефицит на тековната сметка, стабилен кредитен раст во 2019-2021 од осум отсто, додека депозитниот раст за 2019 година е проектиран на 8,3 проценти.

-Домашната економија е на здрави и солидни основи со потенцијал за солиден раст, поддржана од кредитната активност на банките, при отсуство на инфлациски притисоци и нерамнотежи во надворешната позиција, истакна Ангеловска-Бежоска.

Рецесија засега не се очекува, ниту за тоа се зборува, но ризиците не треба да се потценат.

Закрепнување и раст на странската побарувачка и покрај одделните надолни проекции, стабилни политички услови и спроведување политики за поддршка на странските и домашните инвестиции, раст на извозните капацитети, засилување на инфраструктурните инвестиции и продолжување на фискалната консолидација преку намалување на буџетскиот дефицит, се исто така дел од очекувањата на Народната банка.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/05/2019 14:58