Група од 50-ина деца од основните и средните училишта од Прилеп, Долнени и Кривогаштани и деца од различни целни групи, заминаа во посета на Словенија. Посетата ја организира Детската амбасада за сите деца во светот во рамки на проектот на „Градиме мостови на пријателство“ што се одржува 14 години.
Како што истакнуваат од оваа невладина организација, годинава децата ќе се дружат и ќе се запознаат со деца од Љубљана, што е уште една потврда за искреното пријателство помеѓу двата народа.
Децата во Република Словенија ќе ги сумираат вредностите на демократското општество на една држава членка на Европската Унија, ќе се запознаат со културното и историското минато на оваа земја, негувањето на традицијата и општествените вредности во мултикултурното општество, со посета на Љубљана, Блед и националниот парк Бохин. Предвидена е и посета на Македонската амбасада и средба со амбасдадорот Сузана Зеленковска.
Детската амбасада го почна проектот пред 14 години кога првпат деца од Република Србија (тогаш Србија и Црна Гора) ги преминаа државните граници и дојдоа на заедничко дружење со децата од Македонија на Пелистер. Оттогаш се остварени и возвратни посети со децата од уште 11 балкански и европски земји.