Група граѓани на Охрид од населбата „Бејбунар“ денеска се собраа на протест против изградба на станбена зграда на локација за која сметаат дека го нарушува просторот, оттаму што маркицата е вметната во зеленилото меѓу нивните станбени блокови.

Тие сметаат дека со таквите впишувања градежни маркици во зеленилото меѓу зградите се нарушува урбанистичкиот простор и се загрозува квалитетот на секојдневниот живот на повеќе од илјада жители на населбата, притоа упатувајќи барање до градоначалникот да ја стопира изградбата.

– Дали вие како љубител на природата ќе дозволите да бидете запаметен по тоа што во вашето владеење се уништувани тревни површини, сечени, дрвја, со цел градење на нови објекти. Дали ќе дозволите на Вашите внуци да им ја раскажувате приказната во која главен лик ќе бидете токму вие како градоначалник кој дозволил да се изградат овие бетонски изданија на местото каде некогаш имало убави паркови, го прозва Белинда Андоноска градоначалникот Константин Георгиески.

Градоначалникот Георгиески кому денеска му е прв ден од стапувањето на функцијата истакна дека се работи за стар предмет, за кој бил донесен план за изградба уште во 2011 година. Против тој план своевремено била поднесена жалба до Управен суд, што била одбиена, а во 2014 година биле платени комуналии за објектот така што во 2018 општината издала одобрение за градба.

– Мене ми е жал, јас сочувствувам со станарите и со сите тие луѓе кои се засегнати со овој проблем меѓутоа тие реагирале кога се носел планот, а нивната иницијатива е одбиена од Управен суд и јас сега како градоначалник немам никакви методи да го спречувам во градба инвеститорот кој платил комуналии, рече тој.

Инвеститорот засега нема правосилно одобрение за градба, бидејќи се чека одлуката на Вишиот управен суд по поднесената жалба од куќните совети на околните згради, но според она што беше истакнато од страна на субјектот што ќе го гради објектот, тој има право да почне подготвителни градежни работи на терен.

Инвеститорот во писмено соопштение појаснува оти се работи за парцела во приватна сопственост на повеќе сопственици, за која е обезбедена целосна документација, што е оспорена по правен пат пред Вишиот управен суд на РСМ и од каде се очекува конечна одлука.

Според тврдењата на инвеститорот, нема ништо нелегално во нивните активности, за што приложуваат, како што наведуваат, целосна документација, со одобренија, решенија, одлуки, па и пресуда на Управниот суд.

-Со одобрението што е стапено на сила на 20 август минатата година, му се одобрува на инвеститорот да изведува подготвителни работи…Подготвителните работи ќе се одвиваат во согласност со правосилното одобрение за подготвителни работи, стои во реакцијата на инвеститорот на објектот, притоа укажувајќи дека со вакви протести се загрозува правото на приватна сопственост, преку злоупотреба на медиуми и пласирање лажни информации.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/05/2019 16:47