Деталниот урбанистички план за Градската четврт Ц03 – Соборен храм од денеска, па сè до 23 мај ќе биде ставен на јавна анкета на граѓаните. Од општина Центар информираат дека ова е уште еден од плановите кои во изминатиов период беа под таканаречениот „мораториум“, а кај кој се направени усогласувања со Генералниот урбанистички план на Град Скопје, но се постигнати и низа измени и придобивки во интерес на жителите на овој дел од Центар.
Планот ќе биде изложен во горенаведениот период секој работен ден од 8:30 до 16 часот во просториите на ООУ „Коле Неделковски“ на улица „Антоние Грубишиќ“ број 8. Сите заинтересирани физички и правни лица кои сакаат достават предлози и забелешки во однос на истиот ќе можат да го направат тоа преку анкетни листови кои треба да ги достават во училиштето, но и по електронски пат на planiranje@centar.gov.mk и нa веб-страницата на Општина Центар, www.centar.gov.mk. Презентација на планот ќе се одржи на 15 мај во 13 часот во барака 6 на општина Центар.