Македонски и бугарски експерти ќе соработуваат и ќе разменуваат искуства од областа на енергетската ефикасност. Тоа го овозможува Меморандумот за соработка што го потпишаа Агенцијата за енергетика на Република Северна Македонија и Бугарската агенција за одржлив енергетски развој во рамки на работилница на тема „Одржлив енергетски развој – структура, улоги и активности“ што се одржа денеска во Скопје, во соработка со Комората на овластени архитекти и овластени инженери.

Меморандумот предвидува размена на добри практики меѓу двете земји и взаемна работа на експертите во областа на енергетската ефикасност, вклучително и во подготовката на документи кои ќе им помагаат на инженерите и ќе бидат полезни за развојот на подзаконските нормативни акти.

-За нас е задоволство да ги споделиме искуствата во областа на енергетската ефикасност. Ќе направиме се што е можно на експертско ниво за да размениме практики и заемни искуства. Сигурен сум дека може заемно да си бидеме полезни. Ние имаме што да научиме од вас, но и можеме да ви покажеме што сме направиле досега според упатствата од Европската Унија, изјави Ивајло Алексиев, извршен директор на Бугарската агенција за одржлив енергетски развој по потпишувањето на меморандумот.

Тој посочи дека е неопходно да се промени свеста на граѓаните уште од најмала возраст за да ја разберат смислата на енергетската ефикасност со цел да можат да ја применуваат во практичниот живот.

Директорот на Агенцијата за енергетика, Нехри Емрула посочи дека во рамките на денешниот настан беа потпишани два меморандума за соработка од кои вториот со Комората на овластени архитекти и овластени инженери.

-Во изминатите години како обврска во процесот на пристапување кон ЕУ ги подготвивме сите позначајни стратешки документи и акциски планови за реализација на политиките и мерките за унапредување на енергетската ефикасност. Пред донесување е законот за енергетска ефикасност што значи дека за многу брзо време ќе почнат обврските и мерките за негово спроведување со цел постигување на националните таргети за заштеда на енергијата, рече Емрула.

Нагласи дека со овие плански законски документи се создава правна и функционална рамка за примена на мерки за унапредување на енергетската ефикасност како економски исплатлива изводливост и додаде дека на тој начин би се постигнале најбрзи резултати во оптимализација на користењето на енергијата.

Професорот Миле Димитровски, претседателот на Комората на овластени архитекти и овластени инженер, посочи дека и претходно имале одлични односи со Агенцијата за енергетика, а сега само се формализирало тоа.

-Се надевам дека со меморандумот ќе ги интензивираме односите, бидејќи со донесувањето на новиот закон за енергетска ефикасност и на правилниците се усложнуваат состојбите и се влегува во оперативна фаза каде ќе недостасуваат многу инженери и луѓе кои ќе треба да работат. Комората има капацитети да прифати такви одговорности и се надеваме дека со заедничката работа ќе направиме нешто подобро за нашата држава. Добредојдена за тоа ќе биде и соработката што ќе ја има Комората со Бугарската агенција за одржлив енергетски развој, бидејќи се тие поискусни на ова поле, рече Димитровски.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/05/2019 11:50