Екипата на Металург го совлада Бутел со 34:31 (17:15) во првиот полуфинален натпревар од ракометниот Куп на Македонија, кој годинава се игра во салата во Куманово.

Првото полувреме помина во цврста и изедначена игра, „металурзите“ на неколку пати успеваа да се одлепат во резултатот (16-11) но бутелчани успеваа да одржат резултатска неизвесност и на полувреме заминаа со само два гола негатива.

Црвен картон во првиот дел заработи нивниот прв голман Бојан Блажевски, но тоа не ги сопре на почетокот на вториот дел да поведат за првпат во мечот (17:18).

Сепак следеше серија на Металург, кој поведе со 24:19 во 40-тата минута од мечот. Бутел во финишот постојано го бркаше резултатот, дојде и до -2 негатива но до крајот не успеа да направи целосен пресврт.

Најдобар кај победничкиот тим беше Јагуриновски со 11 погодоци, додека Мајиќ кај Бутел постигна 10.

Во второто полуфинале вечерва Вардар излегува против Еурофарм работник.

Финалето е на програмата утре од 20:00 часот.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/05/2019 20:03