Членовите на спортско-рибиловното здружение „Кочански рибар“ денеска извршија порибување на вештачкото езеро Гратче кај Кочани, пуштајќи во водите 600 килограми крап набавен од домашен сертифициран рибник и репроцентар.
Ова е прво поголемо порибување во оваа година на акумулацијата за која концесијата ја имаат кочанските риболовци, а средствата за набавка на рибата е од сопствени извори на здружението.
– Со оваа акција ги испочитувавме законските одредби, односно извршивме порибување со 100 килограми подмладок од крап, а останатата количина е покрупна риба. Притоа, дел до крупниот крап е маркиран, односно чипуван и тој воопшто не смее да се лови, па риболовците задолжително ќе мора да го враќаат во водата. Целта на оваа мерка е да го зачуваме и збогатиме рибниот фонд во езерото, а маркираните риби ќе бидат матици за природен приплод, истакна Димитар Димитров, претседател на рибололовното здружение „Кочански рибар“.
Во изминатите две години од добивањето на концесијата, извршени се седум порибувања, при што во водата на акумулацијата се пуштени над 2,5 тони риба, главно крап.
Признание за досегашните активности на членовите на риболовното здружение од Кочани е што ќе бидат домаќини на државен натпревар во риболов на крап, кој во средината на јуни ќе се одржи на езерото Гратче. Натпреварот има рекреартивен карактер, а досега за учество се пријавени 20 екипи.