Интернационален собир за воздухопловно моделарство – Мајфај ќе се одржи денеска и утре на спортскиот аеродром Стенковец.

Собирот кој е регистриран како настан во категоријата Светски куп на официјалната страна на светската федерација за воздушни спортови, го организира Воздухопловниот спортски клуб РЦСК Скопје во соработка со Аероклуб Скопје. На него македонските моделари и пилоти ќе разменат искуства со свои колеги од други земји кои биле учесници во натпреварувачки и ревијални собири од меѓународен карактер. Посетителите, пак, кои се заинтересирани да навлезат во моделарството, на симулатори ќе можат да се обидат да летаат модели со инструктори и вистински РК модели.

Освен зголемување на достапноста на моделарството за пошироката публика, промоција на македонските клубови, привлекување нови членови и формирање нови клубови, целта на настанот е и вмрежување на македонските аероклубови со клубови од другите земји, размена и презентација на вештини на пилоти и создавање услови за организација на официјални (Federation Aeronautique Internationale – FAI) собири со натпреварувачки карактер во повеќе категории.

Во рамки на Мајфлај годинава првпат ќе се реализира и светски куп во категоријата FAI f9U Drone Raicing.

Моделарството со радио контролирани воздухопловни модели претставува радио контролирано управување во воздух на изработени модели (Aircraft Modeling) во различни категории кои користат различни типови напојување: електро или со внатрешно согорување.

Во Македонија постои повеќедецениската традиција на моделарство.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/05/2019 12:49