Микро, малите и средните фирми имаат потенцијал за иновативни идеи, но мора да се работи на негов развој. Финансии за таа намена има, но нема знаење за аплицирање и развивање на идејата. Треба да се охрабрат, да соработуваат со експерти, научноистражувачки центри и со други успешни фирми во областа.
– Финансиите се најголемиот проблем што го кажуваат сите како пречка за спроведување иновативна идеја, но јас би рекла дека тие не се проблем. Верувајте, има на располагање колку сакаат, иако не е секогаш лесно и евтино да се стаса до нив, а дури има и донации. Меѓутоа, знаењето е основна работа од каде што треба да се почне, отворањето на самите фирми и претприемачи да добијат знаење и да соработуваат. Тоа може да го направат преку соработка со други компаниии, странски партнери и невладиниот сектор, изјави за МИА Бети Деловска, проект-менаџер во виртуелниот иновациски центар, развиен како дел од проектна грантова шема со финансии од ЕУ.
Таа објаснува дека капацитетот на микро, малите и средните претпријатија не е толку голем за да може да поднесат финансирање и спроведување иновативни идеи затоа што иновацијата сама по себе е ризична, бара повеќе вложување и подолг период за спроведување. Во малите и средните претпријатија сè уште нема развиено посебни оддели или ангажирани лица одговорни за истражување и развој, а кај пристапот до финансии кај нас сè уште се во развој алтернативните начини на финансирање, како бизнис-ангели, заедничко вложување со други компании заинтересирани за финансирање иновативна идеја. Исто така, патентирањето на иновацијата е долг и скап процес кој за овие мали фирми е значаен во однос на финансии, појаснува Деловска.
Од друга страна, пак, дополнува, поддршката на проекти од државни институции, банки итн. е специфична, односно не е поволна за развивање иновации, иако во последните години сè повеќе се развиваат облици на финасирање на иновациите, меѓу кои и преку државата на проектна основа од Фондот за иновации и технолошки развој.
Според Деловска, Фондот за иновации е добра алатка за поттикнување на иновациите, но, како што порачува, треба и да се развива свеста кај луѓето воопшто за иновации и што се иновации, затоа што долго време се мислеше дека иновација е нешто ново.
– Луѓето се обесхрабруваат да влезат во системот за иновации што всушност значи подобрување на процесот, воведување нешто или воведување нов начин во самото функционирање на претпријатието. Не мора тоа да е којзнае каков производ. Паралелно треба да се одвива развивање на свеста и обуки, тоа е присутно во последно време и на алтернативните начини на финансирање. Тука се и проектите поддржани од ЕУ каде што малите и средните претпријатија можат да аплицираат. Треба охрабрување за луѓето да го направат тоа, соработка и со други фирми од европските држави и нормално знаење, истакнува Деловска.
Охрабрување за иновации и соработка со научноистражувачки центри
Клучна е, како што вели, и соработката со научноистражувачките институции, затоа што за иновативните проекти е потребно спојување на науката со бизнис-секторот. Една од компонентите и на нивниот проект е и вмрежување на малите и средните претпријатија со претставници на универзитетите и истражувачките центри со кои би требало да склучат договори за идна соработка. Соработуваат со центрите за регионален развој и бизнис-центрите во рамки на скопскиот, вардарскиот и североисточниот плански регион, заедно со општините.
– Синергијата на сите фактори, секој од своја страна, треба да резултира со создавање услови за развивање и воведување иновации кај малите и средните претпријатија. Вклучени се компании од услужните и производните дејности, има заинтересирани, некои имаат идеи што сега ги развиваат и што треба да резултираат во наредниот период во соработка со истражувачките институции и центрите за регионален развој, наведува Деловска.
Иновациски центри и мобилни апликации за поддршка на конкурентноста на фирмите
Сто и десет мали и средни фирми од трите плански региони веќе покажале интерес да ја подобрат конкурентноста преку виртуелниот иновациски центар, што е отворен за сите заинтерсирани. Платформата нуди материјали за обуки и контакти со други центри за иновации во други држави.
Иновативните идеи, како што вели Деловска, можат да ги подобрат конкурентноста и капацитетот за извоз на европскиот пазар.
– Тука треба повеќе работа. Првенствено кај капацитетот на малите компании. Малите компании сами по себе се многу послаби во смисла на тоа дека не можат да испорачаат одредена стока или услуга, а да не зборуваме за стандарди или нешто друго. Во таа насока треба да се поттикнува соработката на слични компании, вели Деловска.
Како пример ја наведе соработката на фирмите за преработка за храна, особено производителите на зимница, кои веќе го поминаа тој пат и научија да се здружуваат, но, како што вели, сè уште се слаби за извоз на европскиот пазар.
– Стандардите за извоз на европскиот пазар се многу високи и луѓето не се охрабруваат. Тоа е процес што е започнат, треба да се вложи многу повеќе и во подготовка на самите фирми од аспект на знаење што сè треба за европските пазари и што нè чека во моментот кога ќе станеме дел од Европа, како да се вклучиме во тие процеси и со кого можеме да соработуваме. Сепак, тука треба поголемо вклучување на сите фактори, и државата, и фирмите, и донатори, смета Деловска.
На домашните фирми од неодамна им е достапна мобилна апликација поврзана со базата на Европската мрежа на бизнис-можности ЕЕН. Апликацијата содржи и ресурсен центар што ќе им понуди на компаниите корисни содржини за подигнување на нивните капацитети за иновации, како и можност за проценка на степенот на технолошка подготвеност преку прашалникот за технолошки аудит. Достапен е и дел за пронаоѓање партнери, со објавени профили на фирми насочени кон технологии, бизнис и програми за истражување и развој како Хоризонт, Хоризонт 2020 и други инструменти. Таму се објавени и домашните национални програми и повици за поддршка на компаниите.
ФИТР Со тековниот повик на Фондот за иновации за кофинансирани грантови за комерцијализација на иновации, што е отворен до 15 мај, се распределуават пет милиони евра. Се обезбедува до 70 проценти кофинансирање за микро и мали, односно до 60 проценти за средни компании во максимален износ од 20 милиони денари.
Целта на инструментот е да поттикне зголемување на активностите за истражување и развој во приватниот сектор, да се охрабри соработката помеѓу приватниот сектор и приватниот сектор со високообразовните и научноистражувачките установи, како и останати форми на соработка за комерцијализација на иновации. Компаниите добиваат и техничка помош за совети за аплицирање, што Фондот ја обезбедува во Скопје, како и во Тетово, Битола и Струмица, како регионални центри.
Статистичките податоци покажуваат дека претпријатијата што се иновативни имаат 15 проценти побрз раст во продажбата отколку неиновативните, осум отсто побрз пораст на продуктивноста и на конкурентноста, како и побрз пораст на платите. Компаниите што внеле иновација во работењето имаат значајни резултати во намалување на трошоците, но и зголемување на работата и на профитот.