Тумбе Кафе е распослано на јужната страна од градот. Мал рид, тумбе, на надморска височина од 744 метри… чиниш во прегратка ја чува Битола. Тумбе Кафе години и години во своите прегратки ги прима и ги пречекува рекреативците, вљубениците во природата, младите и возрасните, сите кои со себе носат расположение или сакаат расположба и имаат кондиција.

Тумбе Кафе, најдобрата локација за панорамски поглед на градот, според археологот Аница Ѓоргиевска, урбано се уредува во времето на валијата Абдул Керим-паша, во периодот меѓу 1895-1901 година, кога тој во Битола изградил повеќе стратешки објекти.

– Со доаѓањето на Абдул Керим-паша за валија во Битола и со негова наредба е изграден големиот парк, денес градско шеталиште што води до Тумбе Кафе, а на најпогодната височинка биле поставени столици за одмор и за филџан кафе, вели Ѓоргиевска.

Но, Ѓоргиевска и нејзиниот колега Енгин Насух, заедно со соработници од битолскиот Музеј, откриваат дека тајните на Тумбе Кафе датираат од третиот век, бидејќи токму таму се пронајдени некрополи од тој период.

–Во 2012 година извршивме археолошки ископувања и истражувања. Непосредно, до денешната летна сцена отворивме контролни сонди и пронајдовме неколку типа гробни конструкции, а најзастапени се погребувањата со двосливни конструкции од типот тегули и ибрекси. Кај еден од покојниците, веднаш под главата околу вратот беше пронајдена мониста од стаклена паста со издолжена форма во мали димензии, додека кај друг покојник на левата рака беше пронајден прстен. Ископувањето се одвиваше многу тешко затоа што станува збор за простор со многу спила, а дел од гробниците се вкопани во самата стена. Во последната фаза од истражувањето, со контролна сонда од околу 20 метри, нашите екипи пронајдоа ѕидови од поголем објект што според материјалните остатоци, монети од поранешната СФРЈ, конзерви и слично, најверојатно бил ископуван и во минатото, но, за жал, во архивата на Музеј-Битола не постојат никакви податоци за ова истражување. Според масивноста на ѕидот во делот што беше откриен, станува збор за поголем објект со квалитетна ѕидарија, со камен малтер и тула, посочуваат Ѓоргиевска и Насух во извештај по реализираното, но до денес недовршено истражување.

Јавните власти низ историјата често го менувале името на ритчето Тумбе Кафе, па така во 1918 година за време на Кралството СХС, тогашните власти одлучуваат да го преименуваат во Александрово Брдо (според кралот Александар Караѓорѓевиќ), а за настанот сведочи снимен материјал од браќата Манаки. Оштетената фотоплоча се чува во битолскиот Архив. Во поранешна СФРЈ, Тумбе Кафе беше наречено Титово Брдо со јасно дефинирана зона, односно територија за забава и рекреација, каде што денес се наоѓаат Зоолошката градина и остатоци од кафеана и армиска територија со стражарски објекти, ровови и подземни тунели, но и голем воен радар, за да ги следи прелетите на авиони и други движења во пограничната зона. Бујната вегетација на Тумбе Кафе сè уште крие тајни од Првата и Втората светска војна.

Тумбе Кафе е вечна инспирација за многумина. Напишани и испеани се многу песни, а се чини со своите текстови предничи м-р Валентин Соклевски, познат текстописец кој во песната „Еј, Битола“ пишува: „Ајде, пајтони, кротко терајте, по сокаците крај дуќаните, ширум чаршија, покрај Саат-кула, по Широк сокак до Тумбе Кафе, да се видам јас со другарите, со еснафите“. Соклевски во песната „Уште сто и една вака“, инспирирана од најдобрите излетнички места во Битола, го препорачува Тумбе Кафе со зборовите да се биде на тоа излетиште, на теферич! Што значи, таму на високо, на чист воздух, во густата шума, на клупите, на кафе, покрај чешмите…

Денес клупите на Тумбе Кафе се оштетени или откорнати, а спортската трим-патека запуштена. Летната сцена градена во 2010 година, во рамки на програмата „Форум на заедниците“, избрана од страна на битолчани како најважен проект со наслов „Тумбе Кафе – спортско-рекреативен комплекс и културно-историска можност“, не функционира, канделабрите не светат, угостителскиот објект е без врати и прозорци и со недолични графити, се распаѓа, фонтаната збира смет, а чешмите се за’рѓани и исушени. Надлежните велат дека ретки бизнисмени покажале интерес за обнова и рестартирање на комплексот, но никој не се охрабрил да инвестира. Многу студенти, пред сè архитекти, дипломираат со идеи за Тумбе Кафе и нудат современи решенија.

Рекреативците, вљубениците во природата, не се откажуваат од Тумбе Кафе. Додека фотографиравме, во разговор ни пренесуваа спомени, тајни од минатото. Посочуваа иднина, велат, на Тумбе Кафе има работа за археолозите, историчарите, уметниците, туристите, угостителите, и сè тоа за да еден ден повторно се пие кафе на Тумбе Кафе.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/05/2019 14:30