Општинскиот штаб за заштита и спасување на Струмица ја разгледа состојбата со браните „Турија“, „Водоча“ и „Маркова река“, состојбата на реките, пороите, каналите за одводнување и атмосферската канализација во урбаните делови на градот и населените места во општината пред најавите за обилни врнежи од дожд во наредните денови.
Констатирано е дека браните се во добра состојба, каналите и пороите исто така, како резултат на нивното чистење од страна на Општина Струмица и „Комуналец“.
-Согласно процената на загрозеност на подрачјето на Општина Струмица, како критични точки беа констатирани мостот кај „Софилар“ и „Ракиџиски мост“ каде што ќе се направи итна интервенција. Истовремено ќе се известат и приватните фирми кои располагаат со соодветна механизација да бидат подготвени за интервенција доколку биде потребно, информираат од Општина Струмица.
Јавното претпријатие за комунални дејности „Комуналец“ денеска почна со вонредна акција за чистење на сливниците на критичните точки низ градот, како што се улиците: „Младинска“, „Ѓорги Василев“, „Ката Поцкова“, Ристо Ќурчиев“, „Браќа Минкови“ и „Боро Поцков“. Проверени се сите кризни точки каде што се очекува голема количина на вода и континуирано ќе се следи состојбата на овие делови од градот.