Кризниот штаб на општина Кочани одржа состанок на кој беше разгледана актуелната состојба со водотеците и каналите во Кочанско, а во врска со најавите за невреме на територијата на државата.
Градоначалникот Николчо Илијев, кој го предводи кризниот штаб, заедно со претставниците од Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување и од Полициската станица од општа надлежност, а во координација со Територијална противпожарна единица и Комуналното јавно претпријатие „Водовод“ го анализираа теренот, предлагаа превентивни мерки и план за акција.
– Стручните органи ги дефинираа критичните точки и карактерот на евентуалните проблеми, а општинските служби добија задача да стапат во контакт со претседателите на месните заедници од низинските населени местa, како и од компаниите кои поседуваат оранжериски комплекси во тој дел. Тие најчесто се на удар на надојдени води, поради што определивме оревентивни акции, како и зголемена будност и непрекинато следење на состојбата, истакна градоначалникот Илијев.
Во координација со надлежните во водостопанската подружница „Брегалница“ ќе се следат котите на водите во двете вештачки езера „Калиманци“ и „Гратче“, со оглед што во регионот се најавуваат врнежи и до 70 литри на квадратен метар.
Од водостопанското претпријатие информираа дека е стабилен водостојот во реката Брегалница и нејзините притоки, испуштањето на водата од акумулациите е под контрола и не се очекуваат поголеми проблеми со излевање на речните корита, ниту пак поплавување на земјоделските површини и околните населени места.