Еден од водечките информативни сервиси за централно банкарство и финансии во светски рамки, „Централ бенкинг“ (“Central Banking”) објави прилог за гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, осврнувајќи се врз нејзината кариера и постигнатите професионални успеси, како и врз нејзините согледувања за македонската економија и за плановите за натамошниот развој на Народната банка.

Таа ќе стави личен печат врз работењето на централната банка при евроинтегрирањето на земјата, истакнува „Централ бенкинг“, со упатување кон новитетите и реформите што се очекуваат.

Прилогот содржи и аудиоинтервју со гувернерката, во кое таа, меѓу другото, истакнува дека за нашата економија е мошне значајно што веќе се решени дел од проблемите од неекономски карактер, бидејќи со тоа се создадени предуслови за поголема сигурност и посветли перспективи за економскиот развој.

-Мислам дека влегуваме во нова фаза кога е мошне извесно дека зад нас се оставени несигурноста во економијата и политичките проблеми, што претходно ги забавуваа странските директни инвестиции, како и капиталните инвестиции што се многу важни за економскиот развој, вели Ангеловска-Бежоска.

Таа нагласува и дека очекува забрзување на реалната конвергенција на нашата економија.

Гувернерката за „Централ бенкинг“ посочува дека Народната банка се подготвува за натамошното зачленување на земјава во ЕУ, поради што, постојано, регулативата и практиките во централнобанкарското работење кај нас се усогласуваат со европските и секојдневно се работи врз имплементирањето на највисоките европски и меѓународни стандарди.

-Наша цел е македонската економија да се интегрира со европската. ЕУ и Европскиот систем на централни банки се наша стратешка определба, истакнува таа.

Потенцира и дека реформите и новитетите што се планира да ги спроведе Народната банка во претстојниот период, многу ќе придонесат за натамошното приближување на нашата економија кон европското семејство.

За „Централ бенкинг“, Ангеловска-Бежоска открива дека Народната банка ќе преземе и повеќе активности за заштита на потрошувачите, како и нови активности во сферата на финансиската едукација и финансиската инклузија, од кои се очекува да донесат голема корист за целото општество. За многу планирани проекти, таа очекува поддршка и од ЕУ.

Гувернерката порачува дека и натаму, Народната банка ќе испорачува макроекономска стабилност и дека финансискиот систем на земјава останува стабилен.

Прилогот на „Централ бенкинг“ содржи и осврт врз нејзината досегашна кариера, како и врз предизвиците со кои се соочува како жена на чело на централна банка. Истакнат е нејзиниот придонес за развојот на јавните финансии во земјава, особено преку раководењето на процесот на воспоставување трезорски систем, како и нејзиниот ангажман во Меѓународниот монетарен фонд, каде што беше член на голем број мисии.

„Централ бенкинг“ нагласува дека Ангеловска-Бежоска е една од трите жени кои во моментов раководат централни банки во Европа. Другите две се гувернерките на централните банки на Русија и на Србија, а до неодамна жена ја водеше и централната банка на Кипар.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/05/2019 11:49