Општина Кисела Вода нема обезбедено локација каде би се преместил Центарот за зависници, дознава „Макпрес“ од извори во конкретната локална самоуправа. Зошто и каде е проблемот нема објаснување. И официјално, општината молчи. Поминаа точно шест месеци, период за кој градоначалникот Филип Темелковски и министерот Венко Филипче, им ветија на граѓаните дека решение ќе има.
Зошто се молчи?
Ветувањето беше месец мај, заради тоа што заканите од граѓаните беа прилично категорични со даден збор за радикални протести ако решение нема. А се почна кога Темелковски првично, после ноемвриските протести, им нагласи дека за само еден месец ќе го реши проблемот. Потоа во декември следеше ново ветување. За да на крајот, откако жителите беа решени оти нема да дозволат да бидат измамени и ќе ја преземат работата во свои раце, следеше последното ветување за дислокација – месец мај.
Сега, општината ќе мора да излезе со образложение каде е закочена работата. Во меѓувреме, жителите непрестајно алармираат по социјалните мрежи, дека шприцевите и игли фрлени во околината на Центарот, се премногу опасни за децата кои си играат тука. Но не само тоа, туку и честите грабежи по становите и куќите не престануваат. Ако Темелковски не објасни, граѓаните се подготвени да продолжат со протести и да се радикализираат.