Компаниите на едно место да добиваат информации за каков тип финансиска поддршка можат да добијат од државата. Моделот што се препорачува во Студијата на ЕУ побарана од Фондот за иновации и технолошки развој, е консолидација и интегриран систем на сите институции што даваат поддршка на компаниите, а конкретна препорака е да се припои Агенцијата за поддршка на претприемништвото кон Фондот за иновации.

-Има голоем број институции што нудат некаков тип подршка и програми за фирмите меѓутоа, исто така, постојат и голем број програми што само по себе и по коментарите на компаниите внесува одредена конфузија кај фирмите. Она што се обидовме и го правиме во изминатиот период од година година и пол е да се обидеме што е можно појасно да ги дефинираме условите и критериумите и процедурите под кои се доделуваат средствата, но исто така да им покажеме на субјектите која е вистинската врата на која ќе чукнат за да може да се добие поддршката што им е потребна, изјави директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Јован Деспотовски, по денешната презентација на препораките од Студијата на ЕУ.

Како што појасни, препораките се однесуваат на самите програмите, како и на институционалниот дел.

-Нивните статистички податоци покажуваат дека 97 проценти од програмите што се реализираат во делот на иновациите и технолошкиот развој се реализираат преку Фондот, само три проценти се реализираат преку неколку други институции и би требало да се интегрираат за да биде и поефикасна поддршката и да се избегне удвојување на програмите, појасни Деспотовски и додаде дека во институционалниот дел, ако има веќе консолидација на програмите се даваат конкретни препораки, кои од институциите во иднина да се интегрираат.

Како што истакна, конкретна препорака е дека функциите на Агенцијата за поддршка на претприемништвото треба да се интегрираат во рамки на Фондот за иновации, од причина што Агенцијата нуди техничка поддршка за компаниите што Фондот во моментов ја развива, што, според Деспотовски, значи нема оправданост да се вработуваат нови луѓе во Фондот, а такво нешто веќе постои во друга државна институција.

Разгледувани се примери во Хрватска, Словенија и Франција каде под една институционална капа функционираат институциите што даваат поддршка на стартап компании, па се до кредитирање на етаблирани бизниси, што во земјава го прават во моментов неколку институции.

-Разговарано е и презентиран е моделот каде е интегриран системот и кажав дека наша намера е да бидеме јасни и конкретни во тоа што нудиме кон економијата. Владата треба да настојува и настојува тоа да го прави. Така што сите овие препораки ќе ги презентираме и верувам дека дел во краток рок, дел на среден рок ќе ги имплементираме во целост и ќе имаме систем ефикасен и јасен за самите компании, на едно место да чукнат и да знаат каков тип на услуга, односно финансиска поддршка ќе добијат, посочи Деспотовски.

Освен Агенцијата, во рамки на студијата се разгледувани сите институции што даваат некаков тип финансиска поддршка кон економијата, како Македонска банка за поддршка на развојот, Агенцијата за странски инвестиции, Дирекцијата за технолошки и развојни зони. Но, тука, како што појасни директорот на Фондот, не се зборува за конкретно припојување, туку се разледувани како еден систем што треба да почне да функционира.

Како пример дека дел од препораките се спроведуваат Деспотовски го напомена повикот во делот на комерцијализација на иновациите, што се реализира во соработка на Владата и Светска банка.

-Тоа е една од препораките што ја реализираме, а тоа е како инструментите што постојат под повеќе различни извори на финансирање, да се обидеме да ги интегрираме во еден систем и тоа ние веќе го реализираме, рече Деспотовски.

Информира дека повикот завршува утре и дека веќе има најава за голем интерес на компаниите со што од Фондот очекуваат дека буџетот од 12,5 милиони евра за годинава ќе биде исцрпен.

Деспотовски најави дека со тоа би биле кандидати за да побараат од Владата дополнителни средства за нови повици во текот на оваа година.

Средствата со кои располага Фондот за иновации се обезбедени од Владата и од Светска банка,а разговараат и за средства со Делегацијата на ЕУ, како и други помали финансиски партнери.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/05/2019 15:50