Јавното претпријатие „Чистота и Зеленило“ извршило усогласување на парични средства кои ги побаруваше што, според надлежните, реално се ненаплатливи долгови постари од десет години за правни и физички лица, информираа денеска надлежните од претпријатието.

Опозицијата во Советот, праша зошто претходните раководства дозволиле да се наталожат долговите и на физичките лица и на правните лица и побара информација како се вршел отписот на долговите.

-Кој дозволил да се направат, 2,5 милиони денари побарувања, цело време фиктивно се прикажуваше добивка и одеднаш претпријатието покажува загуба, праша советникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Петковски.

Советничката Анета Шандева Доневска рече дека долгот на физичките лица изнесува над 84 милиони денари.

Раководителот на одделот за финансии од ова претпријатие Слаѓан Михајловски информираше дека за физичките лица побарувањата биле до 31 декември 2007 година, појаснувајќи дека тогаш биле поднесени тужби.

-Голем дел од нив се уште немаат разрешница. Проблемот настана во моментот кога имаше селења на ингеренции од суд кај нотари и овие побарувања останаа да висат. Имаме побарувања од 1987, 88, 98 година, рече Михајловски.

По укажувањето на ревизијата се уредиле сметките само за тековните. На правните лица усогласувањето на побарувањето било извршено за сметки постари од три години согласно законот, а 80 до 90 проценти се побарувања на фирми кои не постојат како што се Житомел, Монопол, иако, појасни Михајловски, биле поднесувани како дел од стечајна постапка.

Согласно сумата се проценува дека биле опфатени околу 12 до 13.000 домаќинства.

Директорот на претпријатието, Даниел Стојчевски на денешната седница на Советот рече дека за десет месеци успеале да вратат долг од над 60 милиони денари.

-И понатаму ќе работиме да си ги вратиме нашите пари за да го стабилизираме претпријатието, рече Стојчевски.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/05/2019 16:56