Седумдесет и шест години од формирањето на Тиквешкиот партизански одред „Добри Даскалов” беа одбележани денеска во Кавадарци.

Цвеќе беше положено на споменикот кај кавадаречкото село Бојанчиште. Историски час за формирањето на партизанскиот одред како форма на отпор против фашистичкиот окупатор за време на Втората светска војна одржа историчарот Петре Камчевски.

-По долги и сериозни подготовки, на овој ден во 1943 година на планината Вишешница, во близина на Полошкиот манастир, е формирана оваа партизанска единица. Штабот на одредот го сочинуваат Никола Минчев, командант, Лазар Калајџиески, заменик-командант, Димката Габерот, политички комесар и Петар Пепељуговски, заменик-политички комесар, информира Камчевски.

За кратко време одредот извршил неколку значајни акции со кои му нанел сериозни загуби на окупаторот кај Ресава, Гарниково, Бојанчиште, караулите Шаренка и Порта, Драгожел, Драдња, Шешково, Праведник, Галиште и други.

– За да го уништи одредот, окупаторот презема голема офанзива во која вклучува 12.000 војници, полицајци и контрачетници. Одредот претрпува сериозни загуби. Во помали групи поради силниот притисок и постојаните борби, борците се префрлуваат во Егејска Македонија каде се врши обука на борците, тактичко-маневарски вежби и политички предавања, а во помали групи се префрлуваат во Тиквешијата и вршат помали акции, рече меѓу другото Камчевски.

Со одлука на ГШ на НО војска и партизанските одреди, од одредите „Добри Даскалов“ и „Сава Михајлов“ и делови од битолскиот одред „Гоце Делчев“, на 24 септември 1943 година бил формиран баталјонот „Страшо Пинџур“.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/05/2019 17:36