Консумацијата на рибино масло во форма на омега-3 масни киселини може да ви помогне да се откажете од цигарите, тврди д-р Шарон Рабиновиц Шенкар од Универзитетот на Хаифа, Израел.

Истражувањата покажаа дека пушачите кои консумирале одредена количина омега-3, пушеле 10 отсто помалку цигари, односно почнале да чувствуваат помала желба за пушење. Потоа следела споредба со група испитаници подложена на плацебо ефект, кај кои немало намалување на бројот испушени цигари на ден.

Недостигот на омега-3 масни киселини често се сретнува кај хроничните пушачи. Кај човекот тоа води до оштетување на нервните клетки и врската меѓу нервите во делот на мозокот којшто е одговорен за контрола на потребите. Тој своевиден прекин на доток информации пак, влијае на потребата од цигари.

Д-р Шенкар смета дека резултатите од експериментот покажуваат дека омега-3 масните киселини се „наш сојузник при откажувањето од цигарите“ и оти, за разлика од други средства, тие не предизвикуваат несакани појави.

Така, препораката гласи дека пушачите треба да внесуваат повеќе производи како сардини, скумрија, лосос, но и зејтин, јаткасти плодови и сончоглед.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/05/2019 16:28