Основци и средношколци од Куманово, Липково и Старо Нагоричане денеска учествуваа на натпреварот „Детски семафор“ кој годинава го организира Отсекот за превенција од СВР Куманово и Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата. Натпреварот кој има традиција од над 50 години предизвика голем интерес кај учениците во Куманово.

– Од едукативниот дел и од денешниот теоретски дел можеме да кажеме дека младите генерации ќе имаат добра сообраќајна култура и познавање на сообраќајни правила и прописи, а колку ќе ги практикуваат понатаму останува на кампањите и на сите одговорни што се надлежни за тоа да се промовираат и да се јакне свеста кај сите, изјави Виолета Богдановска, од СВР Куманово.

Наредните денови ќе следи практично тестирање каде што заедно полицијата и учесниците ќе укажуваат правила на останатите учесници во сообраќајот, а воедно ќе се спроведе и практичниот дел од натпреварот.

– Заедно со полициските службеници при СВР Куманово, практичниот дел ќе се реализира со тоа што најдобрите ученици ќе имаат можност заедно со сообраќаен полицаец да извршат контрола на патнички возила и на самите ученици да им направиме контрола да видиме кој најдобро ги научил правилата и прописите во сообраќајот, изјави Бојан Петковски од Општински совет за безбедност во сообраќајот на патиштата.

Африм Емини, претседател на Општински совет, појасни дека годинава нема практично возење со велосипед, туку поинаква форма на учење и практична примена на знаењето.

– Најдобро рангираните на денешните електронски, теоретски натпреварувања ќе обезбедат пласман за практичното тестирање што ќе се одржи во понеделник, 20-ти мај, посочуваат од Општинскиот совет за безбедност.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/05/2019 16:38