Во тетовската црква „Пресвета Богородица“ се одбележа празникот Водокрст, ден пред Богојавление Водици. Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф одржа утрена богослужба со Василева литургија и голем Богојавленски водосвет, по што изврши и спуштање на осветениот крст во црковниот базен.

По крстот скокнаа тројца верници, 46-годишниот Горан Анѓелковски, 47-годишниот Сашо Стојков и 28-годишниот Нинослав Дамјановски. Анѓелковски по трет обид оваа година успеа да го фати осветениот крст.

- Ова ми е трет пат што скокам по крстот. Трета среќа, прв пат го фаќам. Посакувам на сите здравје, среќа, мир и спокој, изјави Горан Анѓелковски.

Традицијата за Голем водосвет и спуштање на осветен крст во црковен базен ден пред Водоци на Водокрст во оваа тетовска црква е почната во 1986 година, со благослов на тогашниот владика г. Кирил. Изграден бил нов базен со донација на Мишко Васовси, иселеник од населбата Горно маало каде што се наоѓа црквата во Тетово.

- Денешниот празник во народот е познат како Водокрштение, Водокрст или Водопост. Водокрст доаѓа од крштевањето, односно од осветувањето на водата, а Водопост поради тоа што се работи за пост. Овој празник е востановен во спомен на крштението на луѓето кои го примиле христијанството. Во светата црква се познати две осветувања на вода: големо и мало. Големото осветување се врши два пати во годината, токму на денешниот на Водопост во предвечерието на Богојавление и утре на Богојавление за што се сеќаваме на крштението на Господ Исус Христос во реката Јордан во кое црквата го гледа прототипот на очистување на гревовите, но и вистинско осветување на природната вода со присуство на Бога, истакна во својата беседа г. Јосиф.

Единствено во Тетово чинот на спуштање на крстот се извршува и на празникот Водокрст, односно еден ден пред Водици. Утре на Водици централното одбележување е во соборната црква „Свети Кирил и Методиј“ каде осветениот крст ќе се спушти во црковниот базен по празничната литургија околу 10 часот.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/01/2025 05:09