Милиони постари лица страдаат од форма на деменција, која е погрешно дијагностицирана како Алцхајмерова болест, утврдија истражувачите од САД. Тие сметаат дека дури една третина од луѓето на кои им е дијагностицирана Алцхајмерова болест можеби страдаат од сосема нова форма на деменција.

Во магазинот „Бреин“ (Brain) експертите објавија дека новооткриената форма на деменција има многу слични симптоми како Алцхајмер и укажуваат дека ова делумно објаснува зошто сите досегашни обиди за развој на лек за Алцхајмеровата болест биле неуспешни.

– Станува збор за веројатно најзначајниот професионален труд за деменција објавен во последните пет години, смета професорот Роберт Хауард.

Деменцијата е термин што првенствено се однесува на полошо паметење, а потоа и на низа интелектуални проблеми со памтењето и размислувањето. Во стручната литература се опишани различни видови деменција, но Алцхајмеровата болест е најчеста и најистакната форма. Тоа обично резултира со губење на меморијата и други знаци на когнитивен пад, а поврзано е со насобирање два протеини во мозокот, познати како амилоид и тау.

Се претпоставува дека пациентите можеби страдале од состојба што се нарекува лимбично- доминантна TDP-43 енцефалопатија или скратено LATE, која предизвикува симптоми многу слични на Алцхајмеровата болест.

Се верува дека LATE влијае врз „најстарите постари лица“, а тоа значи на сите постари од 80 години. Научниците утврдиле дека менталните способности се намалуваат со побавно темпо од Алцхајмеровата болест, иако, кога овие две состојби се присутни во исто време, симптомите се развиваат многу брзо.

Моментално не постои специфичен тест за деменција, а знаците понекогаш се видливи на мозокот и по смртта. Научниците веќе долго време се обидуваат да најдат ефикасен лек за деменција, но со оглед на различните видови и причинители на болеста, нивната цел сè уште е далеку.

Фармацевтските компании со години работат на развој на лекови чија цел е да се отстранат протеините амилоид и тау од мозокот, но сите клинички испитувања досега покажаа негативни резултати. Истражувачите веруваат дека со подобро разбирање на новата форма на деменција може да се дојде до нови начини на нејзино лекување. Тие, исто така, издадоа и прирачник за подигнување на свеста и забрзување на истражувањето за новата болест. Сознанијата за LATE отвораат можност за развој на нови поефикасни начини на лекување.

– Оваа форма на деменција цело време е присутна кај пациентите, но дури сега ја идентификувавме. Таа е една од најчестите и ова е појдовна точка за понатамошно истражување и развој на терапија. Нема сомневање дека многу луѓе на кои им е дијагностицирана Алцхајмерова болест воопшто не боледуваат од неа. LATE веројатно реагира на поинаква терапија од Алцхајмеровата болест, што ни објаснува зошто толку многу претходни лекови за Алцхајмерова болест не поминале во клиничките испитувања, рече доктор Питер Нелсон од Универзитетот во Кентаки, кој го водеше истражувањето.

Тој вели и дека главната пречка за клиничкиот напредок е недостигот на дијагностички алатки за LATE. Додава дека тој и неговите колеги сè уште се ангажирани во откривање дијагностички тестови и конкретни третмани за различни видови деменција, пренесува ХРТ.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/05/2019 11:41