Формалниот систем за образование не произведува кадри кои имаат квалификации што ги бара приватниот сектор. Потребно е воведување дуално образование, учење преку практична работа и други начини на обука за да се намали некомпатибилноста на понудата на работна сила со побарувачката од страна на компаниите.

За таа цел Стопанската комора на Македонија во соработка со швајцарската Амбасада во Скопје реализира проект „Образование за вработување“ преку кој компании од седум сектори ќе бидат финансирани да вршат обуки на кадри. За првите четири години треба да се вработат околу 2.200 лица.

-По тримесечната обука тие имаат обврска во рок од три месеци да вработат 50 отсто од оние кои ги обучиле, рече Анета Трајковска од Стопанската комора на Македонија.

Три компании веќе склучиле договори за обука на работници. Станува збор за компаниите Костал која произведува делови за автомобилската индустрија, Ронтис швајцарска компанија во Велес која произведува медицински помагала и КАК, компанија од угостителскиот сектор која поседува два хотели во Битола, три во Маврово и управува со скијачкиот центар во Маврово.

Од компаниите се надеваат дека на ваков начин ќе добијат квалитетни работници, но и оти оние кои нема да бидат вработени полесно ќе можат да најдат работа поради стекнатата преквалификација.

Потребата од квалификувани работници е постојана, велат, а особено нагласена и со заминувањето на работници од земјава во други европски земји. Ќе се обидат, велат, да им понудат подобри услови за работа и поголеми плати, иако, знаат дека и тоа не е гаранција дека ќе ги задржат.

Претставникот од швајцарската Амбасада во Скопје Стефан Томагиан вели дека ова прашање треба да се третира долготрајно и оти токму затоа проктот ќе трае најмалку 10 години.

-Во првите четири години треба да се се постигне вработување на околу 2.200 работници, пред се млади лица. Вкупната вредност за обуките е 12 милиони евра. Една компанија може да биде корисник на најмногу 10 илјади швајцраски франци, за обука на 50 лица, рече Томагиан.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/05/2019 15:11