Прилепската територијална противпожарна единица денеска го одбележа Денот на пожарникарите.
Според командирот на единицата, Виктор Стојчески оваа година ја обележаа драстично зголемениот број на пожари, дури за 150 насто повеќе од минатите години. Одбележувањето е во знакот на апелот до граѓаните да внимаваат да не се предизвикуваат пожари.
– Од почетокот на годинава досега, на територијата на општина Прилеп се регистрирани 350 пожари. Со оглед на статистиката од минатите години, се покажува дека бројот на пожарите е драстично зголемен, за околу 150 насто. Упатувам апел до граѓаните за нивна поголема свесност, за да не се случуваат пожари со поголеми последици, за кои причината е човечкиот фактор, односно поголемиот дел од нив се намерно подметнати, рече Стојчески.
За денот на пожарникарите, единицата ја посети прилепскиот градоначалник Илија Јованоски кој вели дека им посакува на пожарникарите да имаат што помалку работа.
– Упатувам благодарност до пожарникарите за нивната досегашна работа и сигурен сум дека и во иднина ќе работат посветено, максимално професионално и дека ќе одговорат на предизвикот кој им го носи професијата. Општина Прилеп се грижи за нивниот статус и секогаш стои на нивна страна. Исто како и досега, ќе се залагаме да ги добиваат сите средства кои им се неопходни за извршување на нивната работа. Во тој поглед, во постапка е набавката на ново противпожарно возило, за кое две третини од средствата ги обезбеди општината, изјави Јованоски.