Во ЈЗУ Центар за јавно здравје регистрирани се шест новозаболени од мали сипаници од кои две се бебиња под шест месеци, останатите четворица се возрасни на 31 и 37, а двајца на 41 година, кои не биле вакцинирани.
Како што информира за МИА, д-р Билјана Трајкова епидемиолог од оваа јавна здравствена установа, едното заразено бебе е од селото Црквино, а другото од село Сливник.
Таа појаснува дека најголем дел од бебињата и децата кои ја добиле болеста се заразиле откако претходно биле лекувани на Детската клиника и други болници во Скопје.
Од почетокот на годинава до денеска, имаат евидентирано 37 заболени од морбили – мали сипаници, а кај уште петмина болеста не е се уште потврдена, информира д-р Трајкова.
Имено, со задолжителна вакцинација во земјава е започнато со една доза во 1973, а со две дози, иако законски се применува од 1987, децата во Велес и велешко биле вакцинирани уште од 1980 година, информира д-р Трајкова.
Таа потенцира дека освен бебиња, треба задолжително да се вакцинираат деца до 14 години, кои навреме не ја примиле вакцината, како и поголеми, па се до возрасни лица до 60 години.
– Целта на вакцинацијата е родителите навреме да го заштитат здравјето на своите деца и останатите, затоа што болеста која премина во епидемија е лесно пренослива, потенцира д-р Трајкова.
Согласно насоките на Министерството за здравство, за задолжителна вакцинација на здравствените работници, д-р Трајкова информира дека минатата седмица во ЈЗО Општа болница во Велес биле вакцинирани 59 вработени, како и двајца во Центарот за јавно здравје и еден во Болницата во Јасеново.
Воедно, таа најави дека деновиве ќе извршат и вакцинација на вработените во Јавната установа „Детски градинки“, а за вакцинација на наставниците во училиштата, тие се уште немале добиено одобрение од надлежното Министерство за здравство.