Самостојниот синдикат при „Водовод и канализација“ – Скопје при Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија (КСС) денеска преку сооопштение упати остра реакција за спогодбата за исплата на К-15 што изминатите денови ја потпишаа директорот на ЈП „Водовод и канализација“ Душко Весковски и претседателот на ССМ Дарко Димовски.
– Менаџментот на ЈП „Водовод и канализација“ соочувајќи се со голем број тужби од наши членови за исплата на К-15, што согласно Колективниот договор изнесува 24.000 денари, тужби кои веќе почнаа да се добиваат и процесуираат, директорот на „Водовод и канализација“ потпиша спогодба со претседателот на ССМ за исплата на К-15 од само три илјади денари по година за 2016, 2017 и 2018 година. Претседателот на ССМ дрско ги прекрши работничките права за исплата на К-15 и наместо да се засрамат од таквиот чин упорно го претставуваат низ медиумите како успех тоа што наместо 24.000 денари, како стекнато право, сега ќе се исплаќа само по три илјади денари по година, се вели во соопштението од Самостојниот синдикат при „Водовод и канализација“ Скопје.
Оттаму прашуваат чии права брани првиот човек на ССМ, по чија нарачка работи и чии желби исполнува. Според Самостојниот синдикат при „Водовод и канализација“ Скопје, паднаа маските на првиот човек на ССМ дека е борец за работничките права.
– Ние како вистински застапници на работниците нема да застанеме тука и да се помириме со овој срамен чин на претседателот на ССМ, туку напротив ќе продолжиме по судски пат да ги бараме нашите права, бидејќи спогодбата е ништовна и не произведува правно дејство ретроактивно и секако да ги заштитиме сите работници од ваквиот начин на манипулација од страна на сите квазисиндикалци, стои во соопштението.
Бараат од ограноците на ССМ да го повикаат нивниот претседател на одговорност затоа што, како што се наведува, повикувајќи се и борејќи се за исплата на К-15 во реалниот сектор на начин на кој го пропишува Општиот колективен договор за стопанството, очигледно застанува на страната на работодавачите и ги урнисува работничките права и прави една голема манипулација со синдикатот и со работниците што членуваат во него.