Проектите на Министерството за образование и наука за унапредување на меѓутничката интеграција во образованието денес ги зближи деветолетките „Ванчо Прке“ од Делчево и „Живко Брајковски“ од Бутел кои како дел од заедничката соработка за прв пат го реализираа првиот заеднички мултикултурен хепенинг.

Со реализацијата на вакви настани, како што информираше заменик директорката на делчевското училиште Маријана Стоименовска, се унапредува воспитно-образовниот процес помеѓу училишта од различни мултиетнички средини.

-Јас многу пријатно сум изненадена од заедничкото дружење на нашите ученици со кои успеавме да организираме една интерактивна програма, во која мултиетнички ги застапивме сите содржини од музика, комедија и рецитирање до балетски изведби, ора и се што посакавме. Ова беше пример како заедно можеме да живееме и да се дружиме и заедно уште многу години да опстојуваме, бидејки децата се нашето богатство, рече Стоименовска.

Директорката на ОУ „Живко Брајковски“, Розалија Андоновска, истакна дека училиштето од Бутел е пример за соработка во делот на мултиетнички проекти.

-Нашето училиште е училиште со два наставни јазика, Македонски и Албански и затоа слободно можам да кажам дека ние сме училиште како пример за соживот, за заедничко дружење и соработка со проекти. Нашата средба со училиштето ,,Ванчо Прке” дојде спонтано, преку мултиетнички проект, за кој упатуваме голема благодарност до Министерството за образование и наука, кое ни овозможи да можеме заеднички да ги спроведеме нашите активности, истакна Андоновска.

Од двете училишта продолжување на соработката е најавена за септември кога на почетокот на следната учебна година ќе биде одржан заеднички мултикултурен хепенинг во организација на скопското училиште.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/05/2019 18:48