Во просториите на Институтот за социолошки и политичко – правни истражувања (ИСППИ) при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј”- Скопје, се одржа научно-стручна расправа на тема „Институционална поддршка на регионалниот развој во Република Северна Македонија – со посебен осврт на центрите за развој на планските региони“.

На настанот беше промовирана студијата „Институционална поддршка на регионалниот развој во Република Македонија (2018)“.

Настанот го отвори в.д директорот на Институтот, д-р Бојана Наумовска, која нагласи дека, „студијата ги анализа различните димензии и аспекти на институционалната поддршка, организацијата и делувањето на Центрите за развој на планските региони, како релевантни институции надлежни за имплементација на Стратегијата за регионален развој на Република Македонија, 2009-2019 год“.

Од страна на истражувачкиот тим д-р Весна Забијакин Чатлеска, д-р Наташа Габер Дамјановска, д-р Јорде Јаќимовски и д-р Анета Цекиќ беа презентирани наодите од истражувањето кои се однесуваат на: законската регулатива; усогласеноста на регионалната политика на Република Северна Македонија со приоритетите на регионалната политика на Европската Унија; искористеност на претпристапните фондови; политиките и мерките за демографски развој како и социјалните политики; организациската поставеност, екипираност и кадровски капацитети на Центарот како поддршка на потребите за креирање и спроведување на политиките на регионалниот развој.

На настанот се обрати и заменик министерот за локална самоуправа г-дин Дејан Павлески при што упати честитки за ангажманот, нагласувајќи ја самоиницијативноста на Институтот во реализацијата на оваа исклучително важна студија за периодот кој што претстои, кога треба да се донесе нова десет годишна стратегија за рамномерен регионален развој, а исто така планирана е и измена на Законот за рамномерен регионален развој.

Исто така тој истакна дека „Владата посветено и темелно работи на проблематиката на рамномерен регионален развој и во таа насока и сите капитални инвестиции што досега се случуваат (градинки, училишта, патишта, железници, водоводи, канализации и останата инфраструктура) се води сметка да бидат изведувани во сите региони на целата територија на државата“.

Во однос на пристапувањето кон ЕУ, Павлески додаде „цврсто сме убедени дека пристапувањео на нашата држава во ЕУ, покрај демократизацијата и нормализацијата на нашето општество, многу повеќе ќе донесе развој, напредок и просперитет на сите граѓани, на целата територија на Републиката.“

На настанот присуствуваше и г-дин Рамиз Реџепи, директор на Бирото за регионален развој кој се осврна на предизвиците со кои се соочува ресорното министерство вклучувајќи го и Бирото. Покрај споменатите на научно-стручната расправа со свои дискусии се вклучија и г-а Славица Јакимовска раководител на Секторот за рамномерен регионален развој при Министерството за локална самоуправа, како и раководителите на Центрите за развој на Скопскиот, Југозападниот, Источниот и Вардарскиот плански регион



Автор: Администратор
Објавено на: 23/05/2019 12:52