Ракометарите на Вардар со нови дресови ќе настапат на завршниот „Фајнал фор“ турнир во Келн претстојниот викенд. Клубот денеска ги промовираше новите дресови кои исто како и претходните се од брендот „Хумел“.

Првата варијанта е „црвено-црна“ додека резервната е во бела боја.

На промоцијата во фан-шопот на Вардар во СЦ „Јане Сандански“ присуствуваше и Мартин Поповски.

– Се надевам на освојување многу титули и со новите дресови, а прва да биде во Келн овој викенд. Одиме во Германија добро подготвени. Трениравме според планот. Немаме проблем со некои посериозни повреди, изјави Поповски.

За новиот дизајн говореше Благоја Трифунов од фаншопот на Вардар.

– Во изработката на двата нови дресови се користени нови, модерни и поквалитетни материјали. Внимававме на тоа да излеземе во пресрет на потребите на ракометарите, да придонесеме и од наша страна за тие да се чувствуваат комотно и лесно, и да може да го дадат максимумот на теренот. За навивачите останува и понатаму можноста секој што сака да го има овој дрес да може истиот да го персонализира, односно да го нарача со бројот на својот омилен играч, со сите спонзори, или да го направи според сопствениот вкус и желба.

Новите дресови со промотивна цена oд 2.490,00 ден се достапни во традиционалните, црвено и црна боја што е „домашен дрес” за настап кога вардарци се домаќини, и во белата боја, коишто се гостински дресови.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/05/2019 15:18