Втората од серијата јавни дискусии за нацрт текст на „Националната стратегија за равој на концептот за едно општество и интеркултурализмот во Република Северна Македонија“ се одржа денеска во Битола.

Воведни обраќања на дискусијата имаа заменик-министерот за локална самоуправа, Дејан Павлески, пратеникот во Собранието, Рубин Земон, како и директорот на Младинскиот културен центар во Битола, Сашо Додовски.

Со свои излагања учествуваа и претставници од граѓанскиот сектор, локалната самоуправа, а беше проследена и од активисти и медиуми.

Во своето обраќање заменик-министерот за локална самоуправа, Дејан Павлески го потенцираше партнерството кое треба да се зацврсти меѓу општините, носителите на јавни функции и граѓаните, со цел да се воспостави општество во кое што сите граѓани и заедници ќе се чувствуваат еднакви во остварувањето на своите права и слободи.

-Стратегијата е отворен документ што треба да пулсира со потребите на општеството и затоа треба да произлезе токму од граѓаните, затоа што тие најдобро знаат што им треба. Идејата е до крајот на годината да биде донесен тригодишен документ кој што ќе ги поттикне процесите на соработка и почитување во функција на градење на едно општество за сите, подобро и попросперитетно во кое што секој граѓанин ќе може да си го најде своето место, да живее безбедно, да работи и да придонесува за развојот на државата и на општеството, изјави Павлески.

Заменик-министерот ги потенцираше активностите кои се предвидени во областа на локална самоуправа, како обезбедувањето правичен пристап до јавните услуги на локално ниво, особено во руралните средини, како и достапноста на услугите за лицата со попреченост и маргинализираните групи со физички пристап до јавните објекти и администрација, меѓуопштинска соработка, транспарентност и отчетност на општините кон граѓаните, кои ќе доведат до остварување на заедничката цел преку модел кој ќе биде автентичен и препознаен во светот.

-Ова е една од стратегиите што треба нас како општество да нѐ кохезира, да нѐ збилижи, да нѐ интегрира. Токму поради тоа е прилично значајна стратегија, посочи пратеникот Земон.

Тој се осврна на поделеноста на македонското општество, без разлика на постоењето на мултиетничноста, издвојувајќи случаи на сегрегација во нашето секојдневие, која најмногу се чувствува кај младите, најчесто на спортски натпревари и на јавни простори, во кои говорот на омраза, физичкото насилство, како и дискриминацијата се често присутни.

Завршен говор имаше директорот на МКЦ-Битола, Сашо Додовски, кој нагласи дека Битола е град на мултиетнички заедници во кој постои соживот, но интеркултурализмот е иднината за секое модерно и демократско општество, кое ќе се примени во националната стратегија.

-Убеден сум дека токму оваа стратегија е извонреден начин да се надминат сите ризици, да се премостат и не само тоа, туку и вистински начин да се изгради општество кое ќе биде модерно, современо, во кое што нема да има поделеност, односно општество како што во самата стратегија се вика „Едно општество за сите“, заклучи директорот на Младинскиот културен центар.

Следната јавни дискусии за Стратегијата е во Кочани на 27 мај.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/05/2019 16:13