– Околу стотина теренски возила и мотоцикли и годинава учествуваа на спортското рели со крајна цел Царев врв на Осоговските планини.

Релито го организираше Еколошкото друштво ,,Здравец 2002″ од Македонска Каменица, а патеката, како што информираше претседателот на друштвото, Миран Митревски, била долга 25 километри, со висинска разлика од 1.300 метри до највисоката точка Царев Врв на 2.085 метри надморска височина.

-И годинава над стотина љубители на офф-роад предизвиците со 4×4 возила, моторцикли, џипови, пристигнаа во Македонска Каменица, а потоа се упатија кон Царев врв и уште еднаш ги испробуваа перформансите на своите нови-специјално набавени, како и своите искусени и проверени возила, како дел од авантуристизмот што го нуди овој рекреативен спорт. Учесниците со своите теренски возила имаа можност да возат низ прекрасни пејзажи и крајолики предели, стрмнини, угорници и удолници, полјани и шумски честаци во височините на Осоговието, истакна Митревски.

Стартната позиција на учесниците беше од каменичкиот градски плоштад, а оваа година додава Митревски има учесници од Делчево, Македонска Каменица, од останатите градови во Македонија, но и од соседна Србија и од Бугарија.

За делчевецот Гоце Алексовски, кој со своето теренско возило веќе неколку години учествува на настанот, релито е спорт што треба да се доживее за да може да се раскажува за адреналинот што го предизвикува кај возачот.

-Искачувањето со теренски возила и адреналинот кај учесниците на вакви настани е голем. За нас како редовни учесници во овој настан релито претставува една голема авантура, предизвик инспирација и неповторливо уживање во сите ретки убавини на Осоговието. И годинава одѕивот е голем и се надеваме дека ќе продолжиме и во иднина да бидеме учесници во овој настан, вели Алексовски.

На настанот учествуваше и поголема група ,,ендуро” моторџии кои и дадоа посебен белег на трката.

Организаторот ја искористи приликата да ги покани учесниците да се придружат на Меѓуграничната средба „Руен 2019″ што ќе се одржи наредната недела.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/05/2019 15:27